Григор Копров своите 20.708 акции во „Македонијатурист“ ги продаде во април топтан за нешто повеќе од 1,7 милиони евра. Тогаш цената за акција беше 5.150 денари. Дел од тие акции (поточно 8.667) на 17 мај од новиот сопственик (кој на дело излезе дека е посредник) ги купи Доне Таневски, најголемиот акционер во „Македонијатурист“. За секоја од тие акции Таневски плати 6.150 денари за акција. Во инвеститорската јавност ќе остане енигмата зошто Таневски плати на посредник 1.000 денари повеќе за секоја акција, а не ги купи директно од Копров?
Акцијата на „Македонијатурист“, според остварениот промет во блок трансакции, беше во фокусот на инвеститорите во седмицата што е позади нас. Иако не може да се споредува со најтргуваните акции, сепак кога за период од пет дена „Македонијатурист“ има промет во акции што надминува 700.000 евра, тоа е настан што заслужува анализа.
Според официјалната берзанска статистика акцијата на „Македонијатурист“ во блок трансакции направи промет од 740.000 евра по просечна цена која е на историско односно во ранг на рекордното годишно ниво. Нејзината цена надминува 100 евра за секоја една истргувана акција. Станува збор за истргувани 7.202 акции со право на глас, односно количина акции што во вкупната структура на гласачки права во „Македонијатурист“ изнесува 1,6 отсто.
Само за потсетување, сличен тренд на тргување со таа акција имаше и во во втората половина на мај. За две блок трансакции стигна и потврда дека купувач на акции бил Доне Таневски, долгогодишен директор и актуелен претседател на Надзорниот одбор на компанијата. Таневски своето учество во акционерската структура во тие последни денови на мај го зголемил за 1,9 отсто односно тогаш во две блок трансакции на 17 мај докупи 8.667 акции со право на глас. За тие акции Таневски плати 866.700 евра односно по 100 евра за акција. Детали за тоа има на овој линк https://faktor.mk/done-tanevski-e-kupuvachot-na-akciite-od-makedonijaturist–sega-raspolaga-so-215-otsto-od-hotelierskata-kompanija
Кој може да биде продавач на акциите што се тргуваа минатата недела?
Не можеме со сигурност да тврдиме кој е продавачот, но огромна е веројатноста дека станува збор за дел од акциите кои еден месец пред тоа ги поседуваше Григор Копров.
За потсетување во април годинава беа истргувани 20.708 акции или 4,58 отсто од сите акции на „Македонијатурист“. Бројот на акции „во стота“ одговара на тоа што го посеудваше Копров.
Цената по која беа истргувани тие акции тогаш изнесуваше 5.150 денари за акција. Многу е голема веројатноста дека сега истите акции некој ги препродава со заработка односно „провизија“ од 22 отсто колку што е разликата од продажната цена во мај и продажната цена на блоковите од првата седмица на јуни.
Кој е купувач на акциите што поминаа минатата седмица?
Голема е веројатноста купувач на овие акции (над 7.000) да биде повторно Доне Таневски, најголемиот поединечен акционер во „Македонијатурист“. Од сите актуелни или потенцијални акционери тој има најсилен мотив да ги купи акциите заради две причини. Првата е таа што има законски основ да го зголеми своето учество во капиталот до 25% од главницата и при тоа не мора да даде јавна понуда за откуп на сите други акции. Втората причина која е поврзана со првата е тоа што со тој потег го зголемува своето легитимно влијание во одлучувањето при гласањето на акционерско собрание. И дополнително на ова, подобро е тој да ги контролира тие акции одошто да влезе нов акционер кој во иднина и може да го зајакнува своето влијание. Со тоа би се пратила порака во инвеститорската заедница дека и друг може да влезе во акционерската структура на компанија која во депозити, акции, удели во фондови и обврзници чува над 20 милиони евра сопствени средства.
Останува да видиме да оваа седмица ќе има уште една објава на берза во која Таневски ќе декларира дека докупил акции со право на глас во „Македонијатурист“.
Можеби не денеска во најновата состојба на акционери кои поседуваат над 5% од акциите, но можно е идниот понеделник да видиме промена кај состојбата на акции кои ги поседува Доне Таневски.
Што ќе биде во периодот што следи?
Од акциите на Копров ќе останат уште нешто над 5.000 парчиња, кои можат да бидат предмет на интерес од Таневски. Ако биде така во периодот што следи би можеле да очекуваме уште некоја блок трансакција. Пазарната цена по која ќе се тргуваат? Останува да ја видиме…