– Центарот за јавно здравје Куманово последните мостри ги зеде од десет различни локации во градот на 27 мај годинава. Резултатите треба да ги објави Центарот за јавно здравје и да ги потврди Агенцијата за храна и ветеринарство, ако ги задоволуваат вредностите и параметрите за вода пиење. Дотогаш водата треба да се користи како техничка, изјави директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановски.
Кумановци сè уште купуваат вода за пиење. Претходно, Центарот за јавно здравје зеде мостри за испитувања во неколку наврати. На 21 мај, годинава надлежните институции ја информираа јавноста дека водата е заматена поради обилните дождови во Липковско каде што имаше интензивни врнежи од град и дожд. Таму се сместени браните Глажња и Липково од каде што доаѓа водата до ЈП „Водовод“ која по обработка се дистрибуира до населението.