Косовскиот премиер Албин Курти вчера ги примил лидерите на коалицијата Вреди и им честитал за изборниот резултат во Македонија, нагласувајќи дека за првпат албанската опозиција освоила над 100 илјади гласови. Средбата, според кабинетот на Курти, минала во духот на срдечната соработка, имајќи предвид дека „Албанците на Балканот се фактор за поддршка на демократизацијата, европските интеграции, евроатлантскиот мир, безбедноста и стабилноста“.
„Плодна средба со премиерот на Република Косово, г-дин Албин Курти, во Приштина. Ја изразивме подготвеноста да продолжиме и дополнително да ја продлабочиме нашата вредна соработка. За нас останува загрижувачко руското и српското влијание кое се јавува преку корумпирани и криминални мрежи.
Наш приоритет ќе биде економската соработка меѓу нашите земји и завршувањето на инфраструктурните проекти што ги поврзуваат нашите земји што е можно побрзо. Ние како Албанци сме важна сила која промовира регионален мир, стабилност и соработка“, информираат лидерите на Вреди.