Северна Македонија денеска ја претстави и најави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција со цел успешна транзиција кон ниско-јаглеродна економија и праведна транзиција на енергетскиот сектор, соопшто ЕБРД. Платформата, се додава во соопштението кое го пренесуваме во целост, претставува пресвртница за земјата која е историски зависна од јаглен и ја истакнува нејзината амбиција да го трансформира својот енергетски сектор и економија во ниско-јаглеродна, со пониски трошоци и обезбедување сигурност во снабдување со електрична енергија.ЕБОР ја поддржува владата во развојот на платформата и ќе ја води координацијата со меѓународните партнери.
На почетокот на настанот се приклучија претставници на Европската комисија, Климатскиот инвестициски фонд, Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација, Европската инвестициска банка, KfW, Банката за развој на Советот на Европа, како и Cassa Depositi e Prestiti – италијанската развојна банка, кои ја потврдија својата поддршка за амбициозните цели на Северна Македонија, имплементација на платформата, како и неколку донаторски и филантропски организации.
На COP28, климатскиот самит во Дубаи, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши ги презентираше целите на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, како алатка за привлекување на инвестиции и развој на политики што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор. Целта ќе биде замена на јагленот како енергенс, инсталирање на 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведни преодни мерки за поддршка на заедниците погодени од оваа транзиција.
Ова ќе ја зајакне постојната заложба на Северна Македонија, како што е наведено во нејзините Национални придонески кон климатските промени, за намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Бидејќи енергетскиот сектор значајно придонесува кон емисиите на земјата, каде што јагленот историски претставува над 40 отсто од производството, енергетската транзиција е клучна за постигнување на оваа цел.
Транзицијата кон зелена економија ќе резултира со нето економски придобивки, поддржувајќи ја Северна Македонија да влезе во зелените синџири на вредности и да ја зголеми конкурентноста на нејзината економија. Сепак, регионите зависни од јаглен може да бидат нерамномерно погодени. За да се реши ова, платформата ќе поддржи регионална економска диверзификација и развој на човечкиот капитал во согласност со патоказот за праведна транзиција, поддржан од Европската Унија и ЕБОР.
Постигнувањето на овие цели ќе бара значителни инвестиции во земјата, проценети на околу 3 милијарди евра до 2030 година. Тие се очекува да бидат мобилизирани првенствено преку приватниот сектор преку отклучување на пазарните бариери, особено за распоредување на обновливите извори на енергија преку конкурентни аукции.
Платформата ќе се заснова на успешна соработка со Климатскиот инвестициски фонд, кој се очекува да обезбеди до 85 милиони американски долари грантови и концесиски финансии за регионите погодени од јаглен, што е предмет на одобрување од страна на Комитетот на Фондот врз основа на подготвениот инвестициски план за забрзана транзиција на јаглен, кој Северна Македонија треба да го достави до февруари 2024 година.
„Централно место во оваа соработка е поддршката за праведна транзиција, нагласувајќи ја посветеноста на транзицијата која не е само економски исплатлива, туку и социјално праведна и инклузивна, и инкорпорирање на механизми за справување со потенцијалните социјални и економски разлики кои произлегуваат од транзицијата. Помошта за работниците и заедниците погодени од замената на јагленот, овозможувајќи им пристап до нови висококвалитетни зелени работни места и обезбедување локализирани решенија се еден од нашите главни приоритети во текот на овој процес”, рече министерот Бектеши, кој ја започна програмата рамо до рамо со Претседателката на ЕБОР Одил Рено-Басо.
Многу сме горди што сме партнер на Северна Македонија во оваа иновативна платформа предводена од земја, која ги спојува владините обврски, меѓународната поддршка и приватните финансии за да се забрза праведната енергетска транзиција, рече претседателката на ЕБОР, Рено-Басо.
„Веруваме дека ова е модел за тоа како може да се пристапи до финансии потребни за климатски решенија во Северна Македонија, Западен Балкан и пошироко, и со нетрпение очекуваме да работиме тесно со владата за да го поддржиме исполнувањето на овие високи амбиции.
ЕБОР, лидер во финансирање на проекти поврзани со климата, чиј пристап е системски и работи заедно со земјите за да создаде инвестициска клима привлечна за приватниот сектор, го става на располагање своето долгогодишно искуство на Северна Македонија за да ги води, организира и интегрира сите меѓународни финансиски институции и донаторски партнерства за оваа платформа.Притоа, ЕБОР има намера да го искористи своето искуство од иницијативата за праведна транзиција и нејзината поддршка за енергетскиот столб на египетскиот Nexus за храна, вода и енергија (NWFE), кој беше лансиран минатата година на COP27 во Египет и веќе испорачува значителни инвестиции со 1,8 гигавати ветер и соларен капацитет потпишан во изминатата година