Вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесувала 2,3 милијарди фунти во четирите квартали од лани и крајот на првиот квартал годинава, што претставува зголемување од 12,8 отсто. Еден од трите катализатори вградени во автомобилите низ Европа, го носат знакот „Мејд ин Македонија“ и се изработени од „Џонсон Мети“, а рудникот Саса е најголемиот работодавач во Североисточниот Регион на државата
Компанијата „Џонсон Мети“, рудникот Саса и Сопро, сите со британски капитал, се основачи на првата Британска бизнис асоцијација во земјава. Нивната цел е да ги промовираат транспарентноста и партнерството во рамките на македонското деловно опкружување во тесна соработка со сите чинители. Според британскиот амбасадор Марк Лосон, Обединетото Кралство е силен партнер и близок пријател на Северна Македонија, во чиј интерес е да бидат претпочитан трговски и инвестициски партнер, преку нивните индустриски способности, инвестициски екосистем и владина поддршка.
На промоцијата на првата Британска бизнис асоцијација во земјава, Лосон информираше дека вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесувала 2,3 милијарди фунти во четирите квартали од лани и крајот на првиот квартал годинава, што претставува зголемување од 12,8 отсто. Вредноста на британскиот извоз пак е 2 милијарди фунти, а вкупниот увоз на македонски стоки во ОК е 326 милиони фунти. За успешната инвестициска приказна на „Џонсон Мети“ зборуваше генералниот директор Борјан Борозанов, кој со гордост рече дека еден од трите катализатори вградени во автомобилите низ Европа, го носат знакот „Мејд ин Македонија“, а според Ивица Талески, заменик-генерален директор на рудникот Саса, тие се најголемиот работодавач во Североисточниот регион на државата.
– Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на ОК во Западен Балкан. Ја промовираме Британија како повластен трговски и инвестициски партнер на Северна Македонија и го промовираме Министерството за гарантирање на извозните кредити на ОК. Нашиот фокус е на инфраструктурата, енергијата, рударството, одржливиот развој, здравството, безбедноста и одбраната – подвлече Амбасадорот Лосон. Одговарајќи на новинарско прашање дали политичките случувања во регионот може да влијаат врз британските инвеститори, британскиот Амбасадор, истакна дека тие апсолутно не се рефлектираат врз бизнисите во Македонија, која ја подели за добрата деловна клима.
На промоцијата говореше и британскиот трговски претставник за Западен Балкан, Мартин Викерс, кој ја потенцираше важноста на присуството на фабриката за катализатори „Џонсон Мети“, која сочинува околу 16 отсто од БДП на Македонија. Викерс рече дека има интерес за нови британски вложувања во Македонија, а неговата улога ќе биде да ги охрабри идните инвеститори и да ги увери во позитивната деловна клима на земјата. Рајан Велманс, извршен директор на Сопро, рече дека откако во 2016 дошле во Македонија, „сретнале неверојатни луѓе и работна етика, која тешко можеле да ја пресликаат на друго место во светот“.
– Без оглед на заштедата на трошоците во споредба со алтернативните локации, можам јасно да кажам дека луѓето што ги вработивме во Скопје беа апсолутно суштински за успехот и растот на нашиот бизнис до денес – се пофали Велманс.