По три одиграни кола во групата „Ц“, македонската јуниорска кошаркарска репрезентација на Европското првенство – Дивизија „Б“ во Скопје е првопласирана селекција во друштво на Украина, Кипар, Босна и Херцеговина, Чешка, и Ирска. Момент кој дефинитивно донесе уште поголема самодоверба кај нашите јуниори во оној ден предвиден за одмор. И тоа како потребен за сите во нашиот табор, а пред она што следува во наредните два дена, дуелите против Кипар и Украина. Селекторот на репрезентацијата, Горан Андреевски прво се осврнува на она што беше:
– Против Чешка имавме исклучително тежок натпревар. Добро се подготвивме тактички, а играчите се потрудија договореното да го спроведат на терен, сето тоа доволно за трета победа во низа – вели Андреевски.
Утре вечер, од 18.30 часот во СРЦ „Кале“ наш противник е репрезентацијата на Кипар, која во изминатите три кола забележа три убедливи порази. Но како што вели Андреевски, тоа не треба да нė залажува, напротив:
– Следен противник ни е репрезентацијата на Кипар. Иaко сме фаворити на хартија, ние приоѓаме со респект спрема противникот и не се залажуваме дека ќе имаме лесен противник. На Европско првенство, едноставно кажано, не постои лесен противник. Играчите имаа еден ден за одмор, и спремни се со уште поголема борбеност да прикажат уште една брза, атрактивна, убава игра. Иако сме претпазливи секогаш одиме на победа. Така е и овојпат – се зборовите на селекторот на нашиот тим „Под 18“ години, пред дуелот со, извесно, аутсајдерот во групата.