Нутриционистот Емилија Спасовска Мојсовска вели дека во зависност од нутритивниот план и исхрана, и воведувањето на оброци кои се балансирани, дневно количината варира и според возраст и според активност или здравствена состојба, но една до две кришки леб дневно е доволна количина. Статистиките досега покажаа дека Македонците најмногу јадат леб, односно едно семејство годишно во просек троши по 255,6 килограми. Претходно имаше податок дека еден граѓанин во земјава јаде по 70 килограми леб годишно.
Спасовска Мојсовска вели дека лебот е основна состојка во исхраната на луѓето илјадници години, ценет поради неговата разновидност и нутритивна вредност. Сепак, во последно време, како што објаснува, тој стана предмет на контроверзии во круговите на исхрана. Многу луѓе се прашуваат дали лебот е корисен за здравјето, поттикнати од зголемената загриженост за глутенот, јаглехидратите и зголемувањето на телесната тежина. Додава дека треба да се има урамнотежен поглед на консумацијата на лебот, поткрепен со научни докази и нутриционистички стручност.
„Лебот, во зависност од неговите состојки, може да биде нутритивен дел од исхраната. Тој примарно обезбедува јаглехидрати, кои се главниот извор на енергија на организмот. Видовите на цели зрна и интегрални лебови, особено, се богати со диетални влакна, неопходни за здравството на дигестивниот систем и докажано помагаат во превенцијата на хронични болести како што се дијабетесот и срцевите заболувања. Овие лебови исто така содржат различни витамини и минерали, вклучително витамини Б (неопходни за метаболизмот на енергија), железо, магнезиум и селен.
Леб од цели зрна: Направен од зрна кои не се силно обработени и содржат сè, делови на зрното (лушпа, клица и ендосперм). Овој вид е богат со влакна, кои помагаат за ситост и контрола на нивото на шеќер во крвта. Бел леб: Обично се прави од рафинирано пченично брашно, каде што се отстранети лушпата и клицата, намалувајќи ја неговата содржина на влакна и хранливи материи. Иако често е обогатен со витамини и минерали, тој нуди помалку влакна и побрзо се вари.
Кисел леб: Процесот на ферментација кој се користи за правење на кисел леб може да го намали нивото на фитати во лебот, што значи поголема достапност на минерали и полесна варливост. Плус, има понизок гликемиски индекс, што е подобро за контрола на шеќерот во крвта. Леб без глутен: Важен за лицата со целијакија или чувствителност на глутен, иако овие лебови варираат во нутритивната густина во зависност од нивните состојки“, вели нутриционистот. Додава дека лебот често се означува како главен виновник за зголемување на тежината.
Сепак, како што вели Спасовска Мојсовска, не е лебот сам по себе, туку главно вкупниот вишок на калориски внес и лошите избори во исхраната кои придонесуваат кон проблемите со тежината. Наведува дека умереноста е клучна. „Страв од глутен: Додека глутенот треба да се избегнува од лицата со целијакија или нетолеранција кон глутен која не е поврзана со целијакија, нема докази дека глутенот е штетен за сите други. Непотребното елиминирање може да доведе до пропуштање на придобивките од целите зрна“, вели Спасовска Мојсовска. Според Државниот завод за статистика(ДЗС), Македонците освен многу леб, пијат и големи количини газирани сокови.
Сања Атанасовска, ФАКТОР