Францускиот претседател Емануел Макрон упати драматичен апел до европските лидери еден ден по убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Според АФП, Макрон на состанокот со европските лидери во Будимпешта рекол дека „Европа не може засекогаш да ја делегира својата безбедност на САД“. Тој додаде дека Европа мора да ја преземе контролата врз сопствената историја во „одлучувачки момент“ за континентот.
„Дали сакаме да читаме историја напишана од други – војни започнати од Владимир Путин, избори во САД, кинески технолошки или трговски потези… или сакаме да ја напишеме нашата сопствена историја? Мислам дека имаме сила да ја напишеме сопствената историја“, рече Макрон.Францускиот претседател тврди дека новиот американски претседател „легитимно ќе ги брани интересите на американскиот народ“ и ги праша европските лидери: „Дали сме подготвени да ги браниме интересите на европскиот народ?“.
Францускиот претседател им порача на европските лидери дека европскиот континент мора „да ја воспостави својата безбедносна независност од САД“ и „да ги брани сопствените интереси пред интересите на своите геополитички ривали“.Победата на Украинците во војната против Русија е во најдобар интерес на Европа, изјави Макрон на самитот со европските лидери.