Светски популарниот либански виолинист Ара Маликиан доаѓа во Скопје и ќе одржи концерт во Македонска филхармонија на 18-ти октомври. Музичарот во чиј репертоар се застапени дела на Дејвид Боуви, Јохан Себастијан Бах, па се до Лед Цепелин и Николо Паганини, важи за доста харизматичен на сцената и зад себе има бројни светски награди.
Сцената ја делел со Стинг, Лондонскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар од Цирих, Московски виртуози, симфонискиот оркестар на Токио и други. Маликиан ја започнал кариерата во раните години на својот живот, во средината на либанската војна и во интервјуата често кажува дека нашол засолниште преку виолината, која му помогнала да побегне од ужасите на војната.
Од родниот крај поради војната заминал на 14-годишна возраст, живеел во Германија, Англија и Франција, а од 1998 година живее во Шпанија. Влезниците за неговиот концерт во Скопје се пуштени во продажба по цени од 1.800 до 4.000 денари.