Министерството за внатрешни работи (МВР) отворило постапка за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за првпат недвосмислено тврдат од полицијата. Ваквиот став е содржан во одговорот што го добивме од МВР, на прашања кои ги поставивме пред околу 10 дена. Конкретно, по сомнежите во јавноста за валидноста на документот доказ за познавање на англиски јазик за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО.“ во Пловдив, Бугарија, од МВР велат:
„Ве известуваме дека од страна на Министерството за внатрешни работи оформен е предмет кој е предаден во надлежност на ОЈО Скопје за понатамошно постапување. Од таа причина Ве молиме за дополнителни прашања да се обратите до надлежното ЈО“.
Десет дена претходно…
Прашањата на кои стигна горецитираниот одговор ги испративме до полицијата на 28 октомври. Немаше едно, туку шест. Последното прашање беше директно за постапувањето на полицијата во врска со сертификатот на Христовски, но другите не. Беа за случаите кои МВР ги открило од почетокот на годинава, а кои се поврзани со лажни ТОЕФЛ-сертификати.
Имено, МВР од почетокот на годинава има поднесено кривични пријави против најмалку тројца функционери, поради основи на сомнение дека приложиле фалсификувани сертификати од Пловдив, Бугарија. Токму од Пловдив е и училиштето „Јулија КО.“. Откривме дека за две лица, директорка на училиште во Драчево и директорка на болница во Дебар, има и судска пресуда. На почетокот на октомври тие признале вина, а судот решил да им досуди две години затвор – казна која нема да се изврши доколку не сторат ново кривично дело во следните четири години.
Па, нашите прашања до МВР беа – како во вакви случаи утврдуваат дали сертификатот е фалсификат? Дали соработуваат со бугарската полиција? Дали во тие случаи биле користени фалсификувани сертификати од „Јулија КО.“ од Пловдив. Додека да стигне одговорот, дел од тие прашања добија одговор. Главно, дека сите сертификати потекнуваат од „Јулија КО.“ и дека годината на издавање на сертификатот на осудените директорки е истата наведена на сертификатот на шефот на АНБ, Бојан Христовски.
500 функционери
Сите познати случаи со „Јулија КО.“ од Пловдив кои завршиле со кривична пријава биле производ на работата на служби во МВР. Но, не може да се каже дела полицијата ја имаше иницијативата кога требаше да се проверува Христовски. Додека се чекаше одговор од МВР, Јавното обвинителство веќе отвори постапка за сертификатот. Тие, првично, велеа дека нема да постапуваат веднаш бидејќи целата документација на шефот на АНБ е кај Државната комисија за спречување на корупцијата, а со ДКСК имале и меморандум да не прават двојно постапување во вакви случаи. Но, на крај, отворија постапка бидејќи им стигнале две анономни кривични пријави.
На почетокот на неделава, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се појави на настан посветен на безбедноста на новинарите. Неизбежни беа прашањата за случајот со шефот на АНБ.
Но, наместо директен одговор за Христовски, Тошковски најави проверка на документите на 500 функционери.