Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на израелскиот прмеиер Бенјамин Нетанјаху и на лидерот на Хамас Јахја Синвар под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, изјави главниот обвинител на судот Карим Кан за Си-Ен-Ен. „Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.
Кан рече дека МКС бара и налози за апсење на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за двајца други водачи на Хамас – Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, водачот на бригадите Ал Касем и попознат како Мохамед Деиф и Исмаил Ханија, политички лидер на Хамас. Одлуката го става Нетанјаху „во друштво“ на рускиот претседател Владимир Путин, по кого МКС издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина, јави Си-Ен-Ен.
Судски панел ќе го разгледа барањето на Кан. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“. Истрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава.