Во периодот од 1 до 10 овој месец, вкупно 963 жени закажале термин за мамографија во државата, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека пак, закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени. Овие информации ги објави Министерството за здравство, од каде што потсетуваат дека од 1 ноември е продолжена националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка, имајќи предвид дека за време на ковид пандемијата беше отежнат пристапот до оваа дијагностичка процедура.

Согласно податоците од „Мој термин“, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани, а 55 жени закажаниот термин не го искористиле. Во Поликлиниката Букурешт, за месец октомври, од закажани 208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени закажаниот термин не го искористиле.

 

„Преку скрининг програмата се овозможуваат термини за прегледи и на навидум здрави жени и тоа во истите болници каде што има термини за дијагностика. Во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг програмата“, информираат во министерството.

 

Целна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед. Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. До сите се испратени СМС пораки на бројот со кој се евидентирани во системот „Мој термин“. Во пораките кои се испратени, се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку за тоа имаат потреба.

„Кај матичните лекари е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога), за што дополнително ќе бидат информирани сите матични лекари по пат на е-маил известување од Управата за електронско здравство“, додаваат во МЗ.

Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, доколку имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со: рак на дојка, овариуми, дебело црево или панкреас.

„За жените во скрининг, кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција“, потенцираат во министерството.

Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг програмата.

   

За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при МЗ направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба.