Владата го задолжи Министерството за европски прашања да подготви нова Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Македонија во Европската Унија.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Македонија во Европската Унија, одлучи владата на денешната седница. За заменик на главниот преговарач е назначена заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
Владата го задолжи Министерството за европски прашања да подготви нова Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Македонија во Европската Унија. Во официјалната биографија на министерот Муртезани е наведено дека завршил Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ и постдипломски студии на Универзитетот Мармара во Истанбул, Турција.
Тој е поранешен генерален директор и претседател на УО на МЕПСО, во периодот од 2021 до 2023 година. Муртезани е и соосновач и директор на Оки транс логистикс ДОО во периодот од 2020 до 2021 година. Бил и генерален директор и претседател на УО на Македонски железници – транспорт, во периодот од 2019 до 2020 година, како и директор на Центарот за демократија и развој. Муртезани е портпарол на партијата Алтернатива.