Фестивалот ги награди Мирчевски и Темелковски за животно дело. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)
Со полна сала публика, награди и аплази, синоќа во Прилеп почна 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, годинава под мотото „Враќање дома“. Емотивни и благодарни за укажаната чест, лауреатите на животно дело Петар Темелковски и Петар Мирчевски ѝ се поклонија на прилепската публика.
„Сум рекол многупати, а особено тоа го сфатив кога додека бев уметнички директор на фестивалот, дека прилепчани си го чуваат фестивалот како во кожурец. Сите заедно сте заслужни за оваа голема театарска манифестација која во оваа вечер со голема гордост и успех зачекорува во вториот дел од своето столетие и се надеваме дека сите години ќе бидат волку убави. Или како што рекол Цепенков: Да бидете здрави и живи, да сме здрави дур сме живи, да сме живи дур сме здрави“, рече Темелковски.
Мирчевски кажа дека во неговата 40-децениска актерска дејност, имал можност многупати да настапи на овој фестивал и најголем впечаток му останува тоа што публиката што доаѓа знае кога како и каде да реагира
„Да не бевте вие, публиката, немаше ниту ние да бидеме тоа што сме. Затоа ве поздравувам, уште долго да трае и на вас публиката длабоко ви се поклонувам’, рече Мирчевски.
„Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпелливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде“, рече уметничката директорка на Фестивалот, Ана Стојаноска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)
Свеченото отворање почна на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“. На официјалниот дел предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје. Се отвори и ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот.
Како прва претстава од официјалната програма за награди, беше изведена „Нема струја за електричниот стол“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.
Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски вечерва во 19.30 часот на нивната матична сцена. Половина час претходно, во холот на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на костими и фотографии на Благој Мицевски, на која ќе бидат изложени костими од претставата „Тартиф“ на Народниот театар од Битола, како и странски проекти.
Од синоќешното отворање (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)
Актерката Ангела Стојановска во 17 часот, во кафе-бар „Лувр“ ќе го изведе перформансот „Срам“ во продукција на „Тиит! Инк.“, а реализирана во соработка со режисерот Милош Андоновски и драматургот Ева Камчевска.
Денеска во 12 часот е закажана и првата тркалезна маса, на која ќе се разговара со тимот на велешката претстава „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, со која беше отворен фестивалот.
Во 23 часот следува настапот на студентите од Факултетот за драмски уметности, со нивна дипломска претстава.