„Јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фотосесиите. Кога тргнавме ние, мислев дека ќе одиме во просторија за разговор, одеднаш кога влегов во просторијата ги видов двете знамиња и требаше да размислувам што да направам. Во тој момент едната мисла беше дека можам да си заминам и тогаш ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот, а не јас, греши и дека што е подобро, си велам“, вели претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова околу случајот со неистакнувањето на македонското знаме на нејзината средба во Софија со бугарскиот колега Румен Радев. Според Силјановска Давкова, ако си заминела, посетата немало да се случи и ќе имало нова сенка врз македонско-бугарските односи.
„Во тој момент, и покрај тоа што не знам што ми се случува во организмот, решив дека е подобро сепак да не правам скандал, значи не го направив јас скандалот и гафот, туку домаќинот веројатно направил превид или што јас очекував? Јас очекував претходно да ми каже некој дека ќе има снимање за да можам јас да одговорам“, додаде Сиљановска Давкова.
Попладнето во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава, Желјаско Радуков, за да му биде врачена протестна нота по случајот со неистакнувањето на македонското знаме на претседателската средба во Софија. Радуков, како што потврди МНР, одбил да ја прими протестната нота.