Замислете свет во кој сите ваши мисли стануваат вистинити, свет во кој секоја идеја, грижа или желба се манифестира во реалноста без филтрирање. Тоа може да има фасцинантни но и застрашувачки ефекти „Јон Вардар“ ни покажува колку е важно да се фокусираме на позитивно размислување – затоа што нашите мисли се тие кои ја обликуваат нашата реалност.
Во петокот во во „Синеплекс“ публика од најразлична возраст имаше прилика да го види првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски. Во салата можеше да се слушне детска смеа и коментари, но филмот не ги остави рамногушни и повозрасните посетители.
Ова е филм за големи и мали: Галактичка авантура која ги плени сите!
Филм кој иако има намена да биде за деца, сепак на еден хумористичен начин допира многу длабоки и актуелни теми за важни за сите нас. Од етичкото користење на вештачката интелигенција па се до прифаќање на различносите и абсурдноста на војната. Режисерот не тера да се запрашаме каков би бил светот ако еден човек би имал апсолутна моќ да ја менува реалноста според неговите желби? И каква реалност би била таа ?
„Јон Вардар“ е човек со низок коефициент на интелигенција, кој е киднапиран од егоцентричен робот, кој сака да го изложи во неговата меѓугалактичка зоолошка градина. Сепак, двајцата се принудени да соработуваат за да спречат најсмртоносното оружје во галаксијата да биде фатено од погрешна личност, со што ќе се впуштат во вселенска авантура полна со вонземјани, чудовишта и космички опасности.
Омилен лик ми е роботот „Зарк“
Тони Денковски еден од „вонземјаните“ иако долго време работи како гласовен актер со надсинхронизација вели дека ова му е прво искуство од ваков тип.
„Немаш готов производ на веќе направена серија или филм, ова е нешто што почнува од нула. Ти го креираш ликот со сопствениот глас, па потоа по тебе ја прават анимацијата односно по твојот глас и твојата емоција се прави анимацијата на ликот. Беше многу забавно и обратно од се она што досега сме работеле. Ова е првенче во историјата на македонскиот анимиран филм и затоа сум посебно среќен„ вели Денковски.
А омилен лик му е роботот „Зарк“ на колегата Дамјан Цветановски.
Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од нашите најдобри и најнаградувани илустратори и стрип-цртачи, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Цветановски е оптимист за иднината на „Јон Вардар против Галаксијата“
Иако подготовка од различни причини траела речиси една деценија, а предизвиците со кои се соочиле биле многубројни. Од обезбедување финансии за филмот, отворањето на првото студио за анимација во земјата и работа за време на пандемијата, Цветановски е пример како силната желба, истрајноста и позитивната мисла можат водат до остварување на навидум невозможни цели. А доколку го погледнете филмот ќе ви стане јасно дека е резултат на многу љубов и посветеност и долготрајна работа на целта екипа.
„Иако се занимава со вонземјани, заплетот се осврнува на човечките вредности и прашања. Се надевам дека ќе најдеме дистрибутер кој ќе го однесе нашиот филм во светот“, вели Цветановски за Си-Ен-Ен од Бразил.
Пишува: Деспина Ковачевска