Без дискусија и со просто мнозинство од гласовите на присутните, собранискиот спикер доби тројца потпретседатели. Според деловникот, еден од нив треба да биде од опозицијата, а мора да биде застапен и женскиот пол, така што на оваа функција денеска стапија Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Бендевска од Движењето ЗНАМ и Јован Митрески од СДСМ. Милошоски беше отсутен поради здравствени причини, па заклетвата ќе мора да ја даде на следната седница.
Митрески се заколна во „Северна“, додека Бендевска ја употреби скратеницата РС. Претходно, Комисијата за избори и именувања одобри уште седум апанажи на поранешни пратеници кои сега не се на функција: Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска – Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од „Беса“.
Со претходно одобрените 29 апанажи, сега бројката на екс-пратеници кои уште една година ќе земаат државна плата од 2.000 евра се искачи на 36. Оваа бројка не е конечна, законскиот рок за поднесување на барање истекува на 28 јуни.
Отпремнина при заминување во пензија ќе добијат поранешните пратеници, Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов. Апанажа ќе зема и Арбен Исаку, екс-член на Советот на јавните обвинители, но пари од државната каса побарале и сите владини функционери кои не успеаја да станат пратеници во новиот состав. На затворена владина седница, вчера е одлучено да се даде предлог, апанажа да земаат и досегашните национални координатори, Нора Исмајловска Старова, Марјан Забрчанец и Роберт Поповски, како и шефот на кабинет на Ковачевски, Мартин Попов.
Пари од државниот буџет побарале и тројца вработени во кабинетот на сега веќе поранешниот претседател Стево Пендаровски, но собраниската Комисија ги одби нивните барања со образложение дека тоа се функционери кои не се избрани од Собранието. Потпишани се и решенија за плата на сегашните пратеници, на новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски и на поранешната претседателка на судот, Добрила Кацарска. На платниот список на собранието е и техничкиот премиер ,Талат Џафери иако во таа функција му е во мирување.