Писмото до ЕУ е во подготовка, пред да го испратам сакам да имам појасна слика до каде сме и што можеме да направиме, изјави денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на прашање до каде е подготовката на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите и дали очекува поинаква опција или оптимизам од Унијата.
-Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции, одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени Преговарачката рамка тогаш „најдобро е да прифатиме се и да се избришеме“.
-Тогаш најдобро е да прифатиме се што бараат соседите, да се избришеме, и тогаш ќе бидеме најсреќни. Така јас не водам политика. Ако некој друг така водел политика во минатото, да ги ограбува граѓаните и да се самоизбришува тогаш тие беа поразени пред 4 месеци. Писмото е во подготовка. Утре патувам во Берлин ќе има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари, пред да го испратам писмото сакам уште малку повеќе да имам јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме, рече Мицкоски. Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. Тој тврди дека неа информација дека унгарскиот премиер Виктор Орбан на 7 ноември во Будимпешта има намера да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер и бугарскиот претседател Румен Радев, но вели дека подготвен е да разговара.
-Доколку постои иницијатива за таква средба и на 7 ноември и на 17 октомври и на 27 октомври јас сум подготвен да седнам и да разговараме. Не мора да биде тоа Будимпешта, тоа може да биде каде било. Да седнеме, да разговараме, да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и ќе гарантира Копенхагеншки критериуми, ќе гарантира права и успех во процесот на преговори. Но, доколку дојде таква иницијатива од Орбан на 7 ноември, кога Унгарија е домаќин на состанок на Европската политичка заедница јас сум подготвен да седнеме, но да разговараме врз основа на аргументи а не на диктат. Диктати не прифаќам, рече Мицкоски.
нагласи Мицкоски.