На наредната седница Владата ќе расправа за хигиената во главниот град, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека сега Скопје на чело со Данела Арсовска личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО. Затоа, рече тој, се размислува на Арсовска да ѝ се одземат дел од ингеренциите. „Алармантна е ситуацијата и секој ден имаме повици од граѓани.Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме и некои дополнителни чекори за друг тип ингеренции и обврски што ги има Градот Скопје, а коишто гледаме дека не ги извршува навремено, посебно во делот на хигиената.
Секојдневно граѓаните реагираат до Владата и затоа јас ова прашање ќе го отворам на наредната владина седница. Ова што денеска се случува во Град Скопје личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО Алијансата и земја кандидат за членство во ЕУ“, кажа Мицкоски. Мицкоски кажа и дека Владата ја плаќа ратата за автобусите на гас кои беа набавени во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, оти ЈСП „Скопје“ и Град Скопје немаат пари. Граѓаните имаат многу забелешки во хигиената во градот.