Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува планот за инфраструктурен бум што беше најавен за Македонија за 2025, изјави дека ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. „Кога сето тоа ќе биде завршено, граѓаните ќе патуваат и ќе може да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час во просек. А карго-возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе може, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек.
Што значи најмалку четирипати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго-превозот кшто ќе транзитира низ нашата држава туку да има и зголемен интерес за повеќе композиции, на кои, секако, поради побрзиот транзит, ќе им биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десетпати да се зголеми. Двапати по основ на интерес и четири-петпати по основ на брзина. Така што, во нето-износ тоа да биде најмалку десетпати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е на „Македонски железници“ годишниот приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така, инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции помеѓу 190 и 200 милиони евра или вкупно заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра. Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“. Пред состанокот на извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме за стратегијата, пристапот и за начинот на кој тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од она што беше во минатото“. Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10 и дали тој е дел од планот за раст. „Дел од планот за раст, но и дел од најавената инвестиција што врз основа на договор на Влада со Влада ќе го потпишеме. Многу бргу, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор“.