-Успеавме да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки, враќавме долгови во јавните претпријатија и на институциите направени во периодот на претходната власт, подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции. Покажавме дека се грижиме за сите, поголеми пензии за пензионерите, за учениците навреме обезбедивме бесплатни учебници, субвенции за земјоделците, а работиме и на повисоки плати за наставнциите, професорите и лекарите.
Нови вработувања на 600 специјалисти во здравство и нови лекови на позитивната листа. Нови капитални инвестиции во општините и нови фабрики. Продолжуваме со засукани ракави да работиме за доброто на сите граѓани, рече премиерот. Премиерот ја пофали работата на министрите и на институциите но, признава дека во работата на владата во изминатите 100 дена имало и грешки, а кадровските навреме ги поправиле.
-Не коментирам одредени гафови, секој кој работи може и да погреши и тоа не треба да ни се земе за зло. Имавме понекоја грешка, никоја не беше катастрофална, реагираме навремено и се искорегиравме. Некои кадровски одлуки биле искоригирани и поставени кадри кои соодветствуваат.
Не можам да зборувам за брзината на именување на кадри која не е според очекувањата, или неочекувањта, имаше критики дека брзо се менувале професионалци, но покажавме како влада дека се што било добро, што сме го оцениле дека е добро, сме го задржале. За некои проекти жалам што тие не ги реализирале. Трпеливиот човек е мудар, не треба да избрзуваме и да грешиме, подобро половина чекор, но сигурен напред, само да не се враќаме назад, дециден е Мицкоски. Во наредниот период премиерот најави реализација на нови проекти, а владата ќе продолжи да работи одговорно и да го слуша народот.