Во рамките на работната посета на Будимпешта, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати пред студентите и дипломатите од Унгарската дипломатска академија. Во своето обраќање, како што информираат од МНР, Муцунски се осврнал на долготрајниот и посветен процес за пристапување на нашата држава кон ЕУ, при што посебно ја истакнал непрекинатата повеќедецениска посветеност кон процесот, но и бројните и големи отстапки кои македонското општество ги има направено на тој пат.
Свесни за областите во кои постои потреба од дополнителна работа и подобрување на состојбите, министерот Муцунски потенцирал дека и на нашата страна и е крајно потребна предвидливост во процесот. -Нашиот пристапен пат во суштина ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги, со оглед дека ризикот од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ факторите е голем, нагласи Муцунски на темата поврзана со евроинтеграциите на земјата.
Муцунски, се вели во соопштението, ја подвлекол и суштинската важност на добрите билатерални односи помеѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи и се заблагодари за досегашната поддршка на политички, економски и мултилатерален план. -Иако односите се континуирано пријателски, во следниот период очекувам нова динамика како резултат на заложбата на двата премиери за воспоставување стратешка релација помеѓу двете земји, истакна тој во обраќањето.