Башким Хасани од т.н. „огнена група“ на незадоволни членови и функционери во ДУИ, вечерва „Топ тема“ на „Телма“ рече дека уште во септември потпишале писмо и го испратиле до партискиот лидер Али Ахмети, барајќи да се формираат органи во кои сите министри, вклучувајќи го и вицепремиерот, ќе даваат отчет пред партијата, па и пред граѓаните, за тоа што имаат сработено.
„Тоа беше наша прва алатка со која сакавме директно и јасно да го информираме нашиот претседател дека партијата не оди во добра насока и начинот на кој владеат министрите на Демократската унија за интеграција не оди во интерес на граѓани. И тоа се докажа по формирање на тие органи на партијата, две години од првиот Конгрес, сите министри дадоа извештај за сработеното. Ние како група, направивме ревизија на тој извештај и заклучивме дека многу малку имаше сработено“, рече Хасани.
Со вториот чекор, со прес-конференција, додава тој, го информирале Ахмети дека ќе продолжат и кај граѓаните и во структурите на ДУИ да информираат за она што се случува.„Со третиот чекор, односно петицијата, даваме можност за секој граѓанин, и наш активист и структурите на ДУИ, да можат слободно да се изјаснат и тоа да биде плус алатка за информирање на нашиот претседател дека тоа што го кажуваме го мисли и мнозинството на членството. Конкретна бројка немаме“, потенцира Хасани.