Успешно се реализира процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, констатира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини откако во текот на вчерашниот ден на 30 локации низ државава беа отворени пунктови за доделување на ваучерите за кои граѓаните аплицираа во февруари годинава и тоа во две категории: за енергетска ефикасност и за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
-Во текот на вчерашниот ден во Центрите за вработување низ државата поделени се над 90% од вредносните ваучери, а во Скопје и Битола каде што доделувањето беше во СЦ „Борис Трајковски“ односно спортска сала „Боро Чурлески“ беа поделени 79% и 64% од предвидените ваучери.
Со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп (во Центарот за вработување) доделувањето на ваучерите е на истите локации и денес. Во моментов на трите локации нема редици и процесот тече во добар ред согласно предвидената динамика, нагласуваат од министерството.