До оваа одлука дојдовме по неколкуте обиди да стапиме во контакт со претставниците на градот, кои треба заеднички со нас да ја презентираат кандидатурата на градот пред жири комисијата за Европска младинска престолнина и безброј барања за состанок за координација за презентацијата.
Неуспехот да стапиме во контакт и на самиот почеток да воспоставиме одржливо партнерство само ни покажа дека градот не е суштински посветен на младите и кандидирањето за оваа титула не е мотивирано од вистинските потреба за поставување на младите високо на листата на приоритети.
Овој заклучок дополнително ни се потврдува со фактот дека градот не покажа доволно посветеност за надминување на препреките за формирање на локален младински совет, усвојување на локална стратегија за млади, ниту пак отварање на младински центар, дел од механизмите кои се основа и на самата кандидатура за Европска младинска престолнина 2027.
Основна заложба на Националниот младински совет на Македонија е да застапуваме за суштинско вклучување на младите, мотивирани од ова се вклучивме во овој процес заеднички со нашите организации членки и партнери од студентските и средношколксите организации. За жал изминатите месеци ни покажаа дека претставниците на градот единствено препознаваат токенистичко вклучување на младите во процесите вклучувајќи ја и кандидатурата на град Скопје за Европска младинска престолнина 2027 година.
Апелираме до преставниците на локалните и националните институции активно да се вложат во обезбедување на услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики кои одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси целосно им стоиме на располагање.
Покрај овој резултат, Националниот младинсии совет ќе продолжи да бара поддршка и да
вложува напори визијата која ја имаме за Скопје да стане реалност, активно да ги поддржува младите и да застапува пред институциите за политики кои ги адресираат нивните приоритети и обезбедуваат зголемен младински стандард и квалитет на живот.
Со почит,
Национален младински совет на Македонија