Покрај него ќе настапат и Martin Solveig, Kavinsky, Cassius, Kungs, The Avener, Ofenbach, Polo & Pan, Agoria, DJ Falcon … Свеченото затворање на Параолимписките игри, закажано за утре на „Стад де Франс“, ќе биде во форма на голем електро концерт на кој ќе настапат 24 уметници и диџеи, а едночасовниот сет ќе го отвори и затвори францускиот пионер на електронската музика Жан-Мишел Жар (76), соопштија денеска организаторите. Покрај него ќе настапат и Martin Solveig, Kavinsky, Cassius, Kungs, The Avener, Ofenbach, Polo & Pan, Agoria, DJ Falcon …
– Тоа можете да го замислите како најголемиот ноќен клуб во Франција – им рече на новинарите уметничкиот директор на церемонијата Париз 2024 година, Томас Џоли.
Организаторите рекоа дека сакаат „да ги обединат на забава сите на стадионот и пред ТВ екраните“ и „да ја раскажат приказната за француската електронска музика“. Во изјава за парискиот весник „Паризиен“, 76-годишниот Жар не го криеше задоволството, велејќи дека е „многу среќен“ што учествува во „прославата на спортот и француската електро музика во сета нејзина различност“.
Како и за време на церемонијата на отворањето на Параолимписките игри, на кои настапија уметници со попреченост и танчари кои користат патерици или инвалидски колички, подиумот ќе биде отворен за сите. На Параолимписките игри 2024 во Париз учествуваа 4.400 спортисти од 168 земји, меѓу кои и македонската параолимпијка во стрелаштво Оливера Наковска – Бикова.