Најмалку 85 Палестинци загинаа, а десетици се повредени во воздушните напади што денеска ги започна Израел низ Појасот Газа, откако ја продолжи кампањата со бомбардирања и копнени операции во енклавата, објави Министерството за здравство на енклавата. Еден ден по започнувањето на новата копнена операција во центарот на Газа, израелската армија денеска објави дека започнала копнени операции во северниот дел на енклавата, покрај крајбрежниот пат во областа Беит Лахиа. Палестинската исламистичка група Хамас, која не возврати во првите 48 часа од новиот израелски напад, објави дека нејзините борци истрелале ракети на израелска територија. Според израелската армија, сирените се огласиле во центарот на земјата откако биле истрелани ракети од Газа. Палестинските здравствени работници рекоа дека израелските гранатирања биле насочени кон многу домови во областите на северните и јужните делови на Појасот Газа. Запрашана за коментар, израелската војска соопшти дека ги разгледува информациите.
Армијата ги продолжи воздушните напади во Газа во вторникот и започна копнени операции во средата, со што практично се откажа од договорот за прекин на огнот со Хамас што беше во сила од јануари. Како што објави денеска, неговите сили биле вклучени во последните 24 часа во целна копнена операција, како што ја нарече, со цел да се прошири тампон зоната што ги дели северните и јужните делови на Газа, позната како коридор Нецарим. Израел им нареди на жителите да се држат настрана од главниот пат север-југ за Салахудин и да ја изберат крајбрежната рута. Хамас рече дека израелската копнена операција и нападот на коридорот Нецарим е „ново и опасно кршење“ на договорот за прекин на огнот. Ја потврди својата посветеност на договорот за прекин на огнот и ги повика посредниците „да ги преземат своите одговорности“. Привремената прва фаза од прекинот на огнот заврши на почетокот на месецот. Хамас сака да продолжи со договорената втора фаза, според која Израел ќе преговара за крај на војната и повлекување на своите војници, а израелските заложници држени во Газа ќе бидат разменети за палестински затвореници. Израел понуди само привремено продолжување на прекинот на огнот, ги прекина сите испораки на Газа и вели дека ја продолжува својата воена кампања за да го принуди Хамас да ги ослободи преостанатите заложници.