Фото: Слободен печат
Со години на вработените од печатницата „Напредок“ од Тетово им доцнат платите, а со тоа и здравствено осигурување и можноста навреме да одат на лекар и да ја земаат потребната терапија.За овој долгогодишен проблем надлежните немаат слух, велат од Синдикалнaта организација на педесетина вработени во Печатница „Напредок“.
За време на Корона кризата кога потребата од лекар беше неопходна доцнеа плати, а со тоа и здравственото осигурување, истакнаа од синдикалната организација на Печатница.
„Еден колега лани ни почина. Тој како и сите нас немаше можност да оди на доктор и да ја прима соодветната терапија, поради тоа што немаше здравствено осигурување. За жал после долготрајната голгота дојдовме и до оваа ситуација да бараме помош од медиумите за да ја запознаеме јавноста, но и институциите за проблемите со кои се соочуваме со години. Од 2019 година па до сега буквално заради доцнење на платите вработените остануваат и без здравствено осигурување иако мнозинството од вработените сме над 50 години со разни терапии и дијагнози, цела корона ја поминавме без здравствено осигурување и со приватни плаќања за прегледи. За да не дојдеме до таква ситуација оти сите сме на таа возраст, сите сме со дијагнози, затоа ние мора да изреагираме и да најдеме соодветно решение за нашиот проблем“, вели Живе Ќироски претседател на Синдикалната организација на „Напредок“ при ССМ.Кога сите бараат зголемување на плати, ние во нашата фирма каде сите речиси земаат минимална плата се уште зборуваме да ни се иплаќа и таа мизерна плата редовно, велат од синдикалната организација.
„Досега немаме никаков конкретен одговор за нашиот проблем.Само еднаш по пријава до трудов инспекторат исплатени беа заостанати плати на „Напредок 1“ која е заштитна организација, односно друго правно лице, но тоа е само на хартија, во пракса „Напредок 1“ и „Напредок Принт“ се дел од печатницата „Напредок“ оти задачите и процесите на работа ни се поврзани. Откако ја формиравме синдикалната организација имавме пратено десетина писма, за да не излегуваме во јавност да не пријавуваме на инспекции, сакавме проблемите да се решаваат во кругот на фирмата, но за жал наидовме на целосен игнорантски однос од фирмата. Од нас се бара максимално ангажирање. Познато е дека оваа печатница е една од главните печатници за изработка на учебници и сме под притисок да се испечатат учебниците во соодветен рок и нашите вработени се максимално ангажирани, а платите ни доцнат, вели Живе Ќироски претседател на Синдикалната организација на „Напредок“.
Од раководството на печатницата „Напредок“ велат дека моментално на правниот субјект „Напредок Принт“ им доцнат две плати, но на крајот од овој месец или почетокот на наредниот ќе им исплати јулската плата, а со тоа вработените ќе имаа здравствено осигурување. Велат дека со Корона кризата им била намалена драстично работата, причина поради која се појавил проблемот со доцнење на платите.Се надеваат дека во иднина ќе се надминат ваквите ситуации, вработените ќе земаат редовна плата со платено здравствено осигурување.