Во Кина неодамна е пронајден древен човечки фосил кој според меѓународниот научен тим, е различен од било кој друг хоминин што е пронајден досега.
Хоминините се племе на примати од подфамилијата хоминиди, кое ги вклучува видовите хомо и шимпанзата и нивните исчезнати предци. Имено, пронајдените остатоци не наликуваат на лозата што се разделила на неандерталците, ниту на денисовскиот човек, ниту на нас, што укажува дека на нашата сегашна верзија на човечкото семејно стебло и недостига уште една гранка.
Коските на вилицата, черепот и ногата кои припаѓаат на овој, сè уште некласифициран хоминин означен како HLD 6, беа откриени во Хуалонгдонг, Источна Азија во 2019 година, а научниците од Кинеската академија на науките (CAS) оттогаш се обидуваат да ги усогласат остатоците со позната лоза. Засега не успеале, пишува Science Alert.
Лицето на овој хоминин е структурирано слично на лицето на модерната човечка лоза, која се одвоила од хомо еректус уште пред 750.000 години. Но, недостатокот на форма на брада повеќе личи на денисовците, изумрен вид на антички хоминин во Азија, кој се одвоил од неандерталците пред повеќе од 400.000 години.
Затоа, експертите од CAS, кои соработуваа на ова истражување со научници од кинескиот универзитет Ксиан Џиаотонг, британскиот универзитет во Јорк и шпанскиот национален истражувачки центар за еволуција, веруваат дека откриле сосема нова линија на хибриди помеѓу гранка која ни ги дала современите луѓе и гранка од која потекнале други антички хоминини во регионот, како денисовците.
Треба да се забележи дека многу фосили на хоминини пронајдени во Кина, не се вклопуваат лесно во ниедна досега позната лоза. Некои експерти веруваат дека ова се веројатно средни варијации во развојот кон современиот човек; како архаичен примерок на хомо сапиенс или напредна форма на хомо еректус.
Но, ова линеарно и поедноставено толкување е прилично контроверзно и не е прифатено од пошироката научна заедница. Имено, додека хомо еректус постоел во Индонезија до пред околу 100.000 години, остатоците кои неодамна беа пронајдени во источна Кина повеќе наликуваат на други, помодерни линии на хоминин.
Претходните геномски студии на остатоците од неандерталците во Европа и западна Азија открија докази за четврта лоза на хоминини која живеела во средината до крајот на плеистоценот. Но, оваа група никогаш не била официјално идентификувана во фосилните записи. Научниците истакнуваат дека овие остатоци пронајдени во Кина можеби претставуваат дел од сложувалката што недостасува.
„Пронајдената фосилизирана вилица и черепот припаѓаат на дете на 12 или 13 години. Додека неговото лице ги има карактеристиките на современите луѓе, екстремитетите и вилицата одразуваат попримитивни карактеристики“ – пишуваат научниците.
Хомо сапиенсот се појавил во Кина пред околу 120.000 години, но се чини дека некои од нашите „модерни“ карактеристики постоеле во областа и порано. Можно е последниот заеднички предок на хомо сапиенсот и на неандерталците да потекнува од Југозападна Азија, а подоцна се проширил на сите континенти. Но, ова е само хипотеза, вистина ќе ја дознаеме дури по дополнително истражување, истакнуваат научниците кои ги проучуваат фосилните остатоци пронајдени во Кина.