Министерот за земјоделство Трипуновски ги повика Обвинителството и МВР да постапат по случаите и да ги истражат злоупотребите, бидејќи се сомнева дека на ваков начин се испумпувале пари од државниот буџет за криминални цели.
Само во двата случаја кои ги презентира денеска Трипуновски приватните фирми заработиле 785.000 евра. – Во првиот случај се работи за 485 милиони евра, а во вториот случај за околу 309.000 евра. Првиот субјект е „Ар експорт ДООЕЛ увоз-извоз“ од Струмица, кој имал склучено 19 договори за закуп на земјиште со вкупна површина од 1.416 хектари со Министерството за земјоделство. Од тие 19 договори не се почитувале 11 и требало да се раскинат, но не биле раскинати, па субјектот добил 30 милиони денари (485 милиони евра) за субвенции.
Закупецот, според договорите, требало да подготви инвестициски план и да инвестира, но податоците говорат дека тој инвестирал само 300.000 евра. Интересно е што субјектот не ги плаќал ниту закупнините и должи 60 милиони евра – рече Трипуновски. Според него, Министерството за земјоделство не го евидентирало земјиштето кое не го обработувал закупецот па тој од Агенцијата добивал субвенции иако не го користел и обработувал земјиштето.
Вториот закупец на земјоделска површина кој заработил од државата преку Министерството за земјоделство, како што соопшти Трипуновски, е ДЗС „Илинден“ кој 3 пати преку анекси ја намалувал закупената површина, но добивал субвенции поради некоординација на Министерството за земјоделство и Платежната агенција.
ДЗС „Илинден“ имал договор со важност од 30 години. Неколку пати ги намалувал површините под закуп, не платил закуп за 3 години, а зел субвенции за сето време. Против него бил воден и судски спор кој го добило Министерството за земјоделство, но поради непреземање мерки од институциите, катастарот не бил информиран за едностраното раскинување на договорот, а Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој која не била информирана за раскинување на договорот, 3 години по раскинувањето на договорот исплаќала субвенции.
Така државата е оштетена за 19 милиони денари (околу 309.000 евра) – информира Трипуновски. Трипуновски ги повика Обвинителството и МВР да постапат по случаите и да ги истражат злоупотребите, бидејќи се сомнева дека на ваков начин се испумпувале пари од државниот буџет за криминални цели. Тој ја насочи вината кон поранешниот министер за земјоделство и раководителите на платежната агенција кои не презеле никакви активности да спречат парите на граѓаните да завршат во приватни џебови.
Од ПЛУСИНФО