Во најновиот само што објавен записник од една од последните седници на Владата е објавено дека ќе се аплицира за почетни грантови за нови електроенергетски проекти поврзани со работењето на АД ЕСМ и АД МЕПСО. Ќе се аплицира за грантови за техничка помош за изработка на проектна документација за „Соларно централно греење во Битола“, најверојатно поврзано со актуелната изградба на топловодот од РЕК Битола до самиот град, понатаму „Систем за батериско складирање на електричната енергија“, нешто што во моментов уште не е развиено во Македонија но со тоа ќе може да се чува струјата во периодите кога нема сонце и кога е скапа на пазарот, како и „SCADA систем“ (автоматизирање на работењето) и „софтвер за планирање на производството и тргување со електричната енергија“.
Овие проекти се поврзани со АД ЕСМ, а ќе се аплицира и за грант за техничка помош за „Озеленување и дигитализација на преносната мрежа во Југозападна Македонија и Пелагонија“, што ќе оди преку АД МЕПСО. Нема повеќе детали за што би се користеле и со која економска логика. По она што може да се прочита од записникот од владината седница одржана на 6 септември може да се заклучи дека станува збор за новоосмислени проекти за кои ќе бидат потребни нови задолжувања доколку грантовите за „физибилити студија, анализа на пазарот, студија за оцена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, идеен проект и тендерска документација“ се покажат како издржани.
Во моментов нема информации колкаво би било задолжувањето за реализацијата на овие проекти доколку техничката помош даде „зелено светло“ да започне процесот, но јасно е дека станува збор за нови идеи кои досега не се споменуваа, барем не на широко, во јавноста. Владата им наложила на ЕСМ и МЕПСО заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веднаш да ги изработат апликациите. Во овој контекст во записникот се споменува и Европската банка за обнова и развој, кој во случајов треба да биде финансиерот. Министерството за финансии треба да испрати писмо за поддршка до Европската комисија и ЕБОР, а апликацијата потоа да ја поднесе Министерството за европски прашања.