Една од најголемите и најмоќните банки во земјава, НЛБ, влегува во сферата на лизингот. Услугите ќе можат да ги користат и граѓани и фирми, а на тој начин ќе може да се закупат нови и користени автомобили, товарни впозила, автобуси, пловила… Практично, на домашниов пазар за лизинг услуги влегува NLB Lease&Go, информација која НЛБ банка ја сподели со инвеститорската јавност преку ценовно чувствителна информација објавена на берзата.
„НЛБ Банка Скопје како една од најреномираните и системски значајни банки на пазарот кај нас најавува ново поглавје во своето работење кое на клиентите ќе им овозможи лизинг услуги. Имено друштвото е основано од НЛБ Банка Скопје, која поседува 49 отсто од вкупниот основачки капитал на друштвото, заедно со NLB Lease&Gо, лизинг д.о.о. Љубљана. Се очекува до крајот на оваа година и овој сегмент од работењето на друштвото официјално да започне со работа“, се вели во информацијата што ја пласираше банката. Понудата на NLB Lease&Go Скопје ќе биде наменета за физички и правни лица и ќе опфаќа закуп на нови и користени автомобили, товарни возила, автобуси, пловила, земјоделска и градежна механизација, како и друг вид опрема и машини.