Поранешниот американски претседател Барак Обама во средата му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори. „Очигледно, ова не е исходот на кој се надевавме, со оглед на длабокото несогласување со републиканците за цела низа прашања“, напиша Обама во заедничкото соопштение со неговата сопруга Мишел.
„Сепак, да се живее во демократија значи да се прифати дека нашите позиции нема секогаш да победуваат и да бидеме подготвени да прифатиме мирен трансфер на власта“, додава тој. Според него, САД поминале низ многу во последните години, од пандемијата до инфлацијата.
„Меѓутоа, напредокот бара од нас да подадеме рака со добра волја дури и на луѓето со кои длабоко не се согласуваме. Затоа стигнавме до тука и затоа ќе продолжиме да градиме земја која е поправедна, порамноправна и послободна “, објави Обама. Во последната фаза од кампањата, Обама силно ја поддржа неговата сопартијка Камала Харис и го критикуваше Доналд Трамп.