Измените на Кривичниот Законик, покрај скриената амнестија за обвинетите функционери кои се гонеа за ,,Злоупотреба на службената положба и овластување”, во иднина дополнително ќе им ги врзат рацете на инспекторите и обвинителите, бидејќи покрај скратување на роковите за постапување и ограничување на притворот на само 8 дена, им се кратат и други ,,алатки”, со кои полесно се докажува криминалот.
Па така, отсега за кривичното дело ,,Злосторничко здружување” не е дозволена употребата на ПИ-Мерки, односно следење и прислушување. За тоа пак колку е сериозно ова кривично дело говори и самиот опис: Под поимот злосторничко здружение ,,се подразбира заедничко извршување
на казненото дело од страна на најмалку три лица: организаторот и уште најмалку две
лица, што се здружиле за вршење казнени дела”.
Членот 394 го регулира делото „Злосторничко здружување“, и со измените се предвиде максимална казна затвор до три години, наместо досега пропишаната максимална казна од 10 години. Поранешното СЈО водеше голем број постапки против поранешни функционери токму врз основа на овој член.
ПИ-Мерките отпаѓаат поради намалената казна. Бидејќи ова дело најчесто оди во ,,пакет” со друго кривично дело, од тоа ќе зависи дали ќе постои можност за следење на комуникациите на злосторниците.
На пример, отсега политичарите кои ќе крадат и мамат на избори, односно ќе бидат гонети за изборни манипулации, нема да имаат страв од ПИ-Мерки. Ќе можат слободно по телефон да се договараат за криминалните активности. За да биде појасно, доколку сега се води истрага за предметот ,,Титаник” на СЈО, рацете на обвинителот ќе бидат врзани, односно нема да може повеќе со употреба на посебни истражни мерки да прибира докази.
Еве што вели Законот за кривична постапка (ЗКП):
Посебните истражни мерки може да се определат, кога постојат основи на сомневање: 1) за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години, а се подготвуваат, во тек е извршување или се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение.
ПИ-Мерките можат да се определат кога постои основано сомнение дека се е сторено кривично дело како што e:
неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори ,
изнуда,
уцена,
перење пари и други приноси од казниво дело,
криумчирање,
царинска измама,
злоупотреба на службената положба и овластување,
проневера во службата,
измама во службата,
послужување во службата,
примање поткуп,
давање поткуп од членот,
противзаконито посредување,
незаконито влијание врз сведоци,
злосторничко здружување,
терористичка организација,
тероризам,
кривични дела против државата и кривични дела против човечноста и меѓународното право, како и за кривични дела сторени преку средствата за електронска комуникација.
Во овие кривични дела не спаѓаат изборните манипулации, а сега отпаѓа и злосторничкото здружување.