Град Скопје во Територијалната противпожарна бригада, денеска го одбележа 20 Мај – Денот на пожарникарите. Свеченоста почна со постројување на пожарникарите, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, поднесе рапорт на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Градоначалничката Арсовска им се заблагодари на скопските пожарникари за професионалноста, посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат секој ден, несебично вршејќи ја својата професија во заштита на безбедноста на граѓаните.
Припадниците на нашата Територијална противпожарна бригада секогаш се подготвени брзо да дејствуваат за да ја заштитат нашата безбедност и сигурност, изложувајќи се на опасни и тешки задачи во кои животите на другите ги ставаат пред својот. Работата и континуираното докажување ги прави врвни професионалци со кои сите се гордееме.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната свеченост им додели плакети за особен придонес во реализирање на активности на БППЗ Скопје на Соколовски Марјанчо, Трајчевски Пепи и Здравковски Златко. На свечената церемонија, се обрати и командантот на БППЗ на Скопје Звонко Томевски, зборувајќи за секојдневните предизвици и напори кои ги вложуваат пожарникарите во заштитата и безбедноста на животите на граѓаните и на приватниот и јавниот имот и материјалните добра. Особено ја истакна соработката и разбирањето на Град Скопје за состојбите и упати голема благодарност за напорите што се вложуваат во однос на унапредувањето на работните и материјалните стандарди на пожарникарите.