Следува период на многу променливо време. Овие денови нашата територија ќе биде под влијание на серија на влажни воздушни маси и бранови од запад, кои ќе условуваат повремени врнежи од дожд и истите локално и повремено ќе бидат интензивни, вели метеопрогнозерот Славчо Попоски за Плусинфо.
Апокалиптичните сцени со многу обилни врнежи и грмотевици во текот на ноќта и на денешниот ден, кои зафатија делови во Хрватска, а се очекуваат и во Србија, можеби ќе ги гледаме и кај нас, прогнозира метеопрогнозерот Славчо Попоски.
– Следува период на многу променливо време. Овие денови нашата територија ќе биде под влијание на серија на влажни воздушни маси и бранови од запад, кои ќе условуваат повремени врнежи од дожд и истите локално и повремено ќе бидат интензивни – вели Попоски за Плусинфо. Тој додава дека локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 30 литар на метар квадратен), а особено во недела ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
– Овие денови ќе дува и умерен, повременo и засилен до силен ветер од јужен правец, повремено и локално со брзина од над 65 километри на час – додава метеопрогнозерот. Кога станува збор за температурите, Попоски истакнува дека наутро насекаде ќе бидат над нулата, додека максималните дневни и понатаму ќе бидат натпросечно високи и ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 18 степени
– Во Скопје и околината исто така овие денови ќе има повремени врнежи од дожд и истите повремено ќе бидат поинтензивни. Ќе дува и умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 16 и 18 степени – вели Попоски.