Владата на денешната седница го утврди и текстот на Предлогот на Законот за изменување на Законот за буџети.
Предложените законски измени се во насока на бришење на одредбата за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти поради, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, неколку причини. Тоа се: неможност од утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност којашто произлегува од работното место, со цел допрецизирање на законот за буџети и имајќи предвид дека Законот за системот на плати во јавниот сектор е во постапка на донесување.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за Програмата на економски реформи 2023 – 2025 година и го разгледа и прифати текстот на Програмата.
И овој документ, според соопштеното од страна на Министерството за финансии, е изработен согласно насоките дадени од страна на ЕК, каде освен среднорочна макроекономска и фискална рамка, вклучени се и 19 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Во Програмата, како клучни предизвици за конкурентноста и растот се идентификувани: зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој, поттикнување на зелената транзиција, подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивната интеграција во глобалните синџири на вредност и формализација на економијата.