Победата на Доналд Трамп на изборите во САД на 5 ноември ќе ја принуди Европската унија да го прилагоди својот став за војната во Украина, изјави во неделата унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Европа не може сама да го носи товарот на војната, и ако Американците се придвижат кон мир, тогаш и ние мора да се прилагодиме, а за тоа ќе разговараме во Будимпешта“, рече Орбан.
Тој, исто така, ја повтори својата поддршка за Трамп пред утрешните избори, на кои поранешниот американски претседател се соочува со актуелната потпретседателка Камала Харис. Нагласувајќи дека победата на Трамп е нешто во што „не само што верувам, туку и ги читам бројките“, унгарскиот лидер рече дека „ние (во Европа) мора да разбереме дека ако во Америка има претседател кој го поддржува мирот… Европа не може да остане за војната“.
Трамп вети дека ќе ја заврши војната во Украина „многу брзо“ доколку победи на изборите, благодарение на неговите „многу добри односи“ со рускиот претседател Владимир Путин. Поранешниот американски претседател го даде ветувањето на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 септември.
Обраќајќи им се на приврзаниците на митингот во Мичиген во саботата, Трамп се пожали дека САД „ги искористуваат сите земји ширум светот, вклучително и сојузниците. „И во многу случаи, нашите сојузници се полоши од нашите таканаречени непријатели“, додаде тој. Во четвртокот Орбан на социјалните мрежи напиша дека имал телефонски разговор со Трамп во кој на републиканскиот кандидат му посакал „најдобра среќа“ на изборите.