Колумна на Ѕвездан Георгиевски, БИРН
Директорот на прилепски „Комуналец“, Рубин Абрашоски се жали дека во Одделението за рециклажа се натрупале огромни количества пластичен отпад. Причината за тоа е драстично намалениот извоз за овој тип отпад.Според медиумите, директорот Абрашоски, излезот од „пластичната криза“ го бара во државата (а, каде на друго место?) – државата да ги стимулира приватните компании што го откупуваат овој вид отпад и да помогне во изнаоѓањето нови пазари за негов извоз. Во веста што ја лиферуваа медиумите уште се наведува дека Прилеп е шампион во селектирањето отпад и дека на тој начин, на годишно ниво селектира од илјада до 1.200 тони пластика и хартија.
На извесен начин, „шампионот во селектирање отпад“ уште еднаш го отвора вечното прашање на македонскиот идентитет – управувањето со отпадот. Имено, веста имплицира дека досега извозот на пластичниот отпад одел релативно добро и дека запрел во последните месеци.Првото прашање што (мене ми) се поставува е: зошто некој воопшто би увезувал од Македонија пластичен или каков било друг отпад? Односно, ако некој има некаква полза од отпадот, зошто ние немаме? Втората дилема што не е јасно објаснета во веста е: зошто отпадот, ако веќе се наоѓа во Одделението за рециклирање во прилепски „Комуналец“, не се рециклира, туку само се натрупува? И третото, веројатно, најбанално прашање е: што значи тоа „шампион во селектирање отпад“, во земја која нема ниту традиција, а богами ниту инфраструктура за селектирање отпад.
Одговорот на сите три прашања може да се сведе во една реченица – Македонија нема никакви капацитети за рециклирање отпад. Според некои податоци, кај нас отпадот се рециклира помалку од 0,5 проценти, за разлика од Словенија, на пример, каде што стапката на рециклирање достигнува 60 проценти.Во Швајцарија, која според нашиот врежан стереотип, е недостижен идеал, од околу 700 килограми комунален отпад по жител, околу половина (340 килограми) се користи како гориво во 30 горилници/електрани (по една на 280.000 жители) во кои се произведува електрична и, во зависност од годишното време, топлинска и разладна енергија.
Освен тоа, тие имаат 350 компостани и биоплински погони (по еден погон на 24.000 жители), 60 електрани на биомаса (по една на 140.000 жители) и стотици сортирници.
Според некои податоци, кај нас отпадот се рециклира во помалку од 0,5 проценти, за разлика од Словенија, на пример, каде што стапката на рециклирање достигнува 60 проценти
Кога Македонија навистина би сакала да биде Швајцарија, тогаш овој број слободно намалете го за четири, па и за петпати. За Скопје, и покрај големата населеност, веројатно би била доволна една електрана, неколку компостани (за да не се развезува биоотпадот од еден до друг крај на градот), барем еден биоплински погон и неколку сортирници. Но, за почеток, во Македонија, отпадот воопшто не се селектира или се селектира во минимален процент.
Ја разбирам евентуалната забелешка на читателот дека е сосема погрешно да се споредуваме со Швајцарија, дека сме далеку од нивните култура, традиција, систем… со светлосни години, но со кого да се споредиме? Со Африка? Може!
киловат часови електрична енергија на годишно ниво. Ова е сосема доволно да се задоволат потребите на една третина од жителите на петмилионскиот главен град.
Натаму како нус-производи се произведуваат тули, а се рециклираат и 3,6 милиони килограми метал на годишно ниво. Не е на одмет да се спомене дека целата инвестиција за оваа електрана чинела околу 120 милиони долари.
Погонот за биогас во Кејптаун, Јужноафриканска Република, (инвестиција од 27 милиони долари) обработува 219 милиони тони отпад годишно и произведува квалитетен биогас што се користи во транспортот, јаглерод диоксид за индустријата и вештачко ѓубриво.Што се однесува до самата пластика, можеме да го земеме примерот на Португалија. Таа денес важи за еден од најголемите производители за пластични делови и галантерија за светската автоиндустрија. И сето тоа од преработен пластичен отпад.
Португалија, меѓу другото, важи за еден од најголемите увозници на пластичен отпад и извозник на готови производи. Во случај Македонија да направи некоја мала стратегија за развој на поливинилската индустрија, тогаш ни „Комуналец“ од Прилеп би немал никакви проблеми.
Во Македонија на дневно ниво се создаваат над 2.500 тони отпад, односно околу милион тони на годишно ниво. Реално, тоа не е премногу отпад. Ниту по жител, ниту во светски рамки
Но, ајде да се научиме првин да го селектираме отпадот. Во „шампионот во селектирање отпад“, Прилеп, се селектираат само пластиката и хартијата (на едно место), а другото ѓубре се остава во друг контејнер. Во другите градови, верувам, дека е уште полошо. За руралните средини, каде што некое комунално претпријатие со својот камион поминува еднаш или двапати неделно, а некаде воопшто и не поминува, не треба ни да зборувам.
Од друга страна, се чини дека во земја како што е нашата, само со поставување инфраструктура за различни видови отпад во урбаните средини (различни контејнери за секој вид отпад), проблемот не може да се реши. Веројатно е потребна реорганизација на комуналните претпријатија, па и извесна политика на „морков и стап“ за да се стекне навика за селектирање на домашното ѓубре. Значи, од една страна, стимулација на граѓаните, а, од друга страна, високи казни за непочитување на правилата.
Во Крагуевац, Србија, на пример, нашле начин како на тие што ја одложуваат пластиката на посебно место да им се обезбеди бесплатен градски превоз. Еден пријател ми вели дека оваа мерка повеќе не важи, ама дека граѓаните во голем процент се навикнале да си го селектираат отпадот.
Според некои податоци, во Македонија на дневно ниво се создаваат над 2.500 тони отпад, односно околу милион тони на годишно ниво. Реално, тоа не е премногу отпад. Ниту по жител, ниту во светски рамки. Само една централа, како онаа во Адис Абеба, ќе апсорбира 40 проценти од целиот наш отпад. Плус компостани, погони за биогас, поливинилски постројувања…
Ама реалноста е сосема поинаква. Тонеме во ѓубре.Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија