Денес, заедно со др. Силаѓи Петер – заменик државен секретар за национална политика на Унгарија, воедно и личен претставник на Жолт Шејмен, заменик премиер на Унгарија и почитуваниот Амбасадoр на Унгарија во Република Македонија, негова екселенција Андраш Клеин, го отвораме овој парк од над 1000 квадратни метри кој ќе сведочи за нашето долгогодишно пријателство.
Најпрво, сакам да се заблагодарам што со своето присуство нѐ почестија др. Силаѓи Петер, заменик државен секретар за национална политика на Унгарија, почитуваниот Амбасадoр на Унгарија во Република Македонија, негова екселенција, Андраш Клеин, Анико Јерас – државна секретарка во Министерството за Образование на Република Србија, Кaбок Ерика, претставник на Националниот Совет на Унгарците во Војводина, Санто Имре Ласло, градоначалник на општина Игал од Унгарија, делегација од општината Сента, Република Србија и делегација на организацијата ,,Маѓар Со” од Бања Лука како и членови на Здружението ,,Теледом”.
Ова е посебен настан за нашата населба Драчево и за целата општина Кисела Вода.
Денес, во соработка со амбасадата на Унгарија и Здружението на Унгарците во Македонија, Теледом, отвораме нов парк
изграден на површина од околу 1000 квадратни метри.
Во срцето на овој парк се наоѓа бистата на Шандор Петефи, истакнат историски лик и значаен симбол во создавањето на унгарската држава.
Со поставувањето на ова обележје, не само што го разубавуваме нашиот град, туку и даваме можност на нашите граѓани да се запознаат со богатата унгарска историја и култура. Верувам дека ова обележје ќе ги инспирира нашите жители и ќе го разбуди нивниот интерес за унгарската култура, што ќе придонесе за уште поблиски односи меѓу двата народи.
Новиот парк се простира на просторот кој некогаш беше депонија.
Сега е трансформиран во место каде нашите граѓани можат да се рекреираат, да се дружат и да се релаксираат.
Новата урбана опрема, хортикултурното уредување, пешачките патеки и осветлувањето придонесуваат за создавање на пријатна околина за нашите граѓани, а посебно важнен е придонесот за зачувување на животната средина, со што истакнуваме и еден важен еколошки момент.
Посебно сакам да го истакнам пријателството и соработката меѓу нашата општина и Унгарија.
Преку многубројни проекти и активности, амбасадата на Унгарија и здружението на Унгарците во Македонија се покажаа како верни и посветени партнери.
Изразувам длабока благодарност до нив за нивната континуирана поддршка и соработка.
Кисела Вода има одлични релации со Унгарија и се надевам дека овие врски ќе продолжат да се развиваат и во иднина.
Веќе имаме реализирано многу заеднички проекти и иницијативи, но нашата визија за иднината е исполнета со нови идеи и предизвици за кои, се надевам, ќе ги реализираме заедно.
Нека е аирлија!