Вчера Мицкоски даде предизвик да има заеднички парламентарни и локални избори следната година. Ајде да видиме колку држиш до зборот. Се гледаме во октомври, подготви се добро. Вака денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети одговори на повикот од премиерот Христијан Мицкоски кој вчера од собраниската говорница го упати до претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-Да видиме дали ќе држи до зборот или ова го кажа само за да ја уплаши опозицијата на Македонците – рече Ахмети во Боговиње. Тој додаде дека Мицкоски вчера немало да бара предвремени избори доколку тој бил во Собранието.
-Јас вчера не бев во Собрание и подобро што не бев бидејќи немаше да бара предвремени избори – порача Ахмети. Инаку, Мицкоски вчера повикот го упати одговарајќи на пратеничко прашање од Филипче, откако Филипче го повика Мицкоски да се повлече од функцијата бидејќи, како што рече, ги погазил своите ветувања.
-Ако сакате да одиме на избори, да се провериме заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат – рече Мицкоски. Со реакција се огласи вицепремиерот Изет Меџити, кој на лидерот на ДУИ му порача дека треба да се подготви да биде уште долго време во опозиција.
-Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата. Пред да закажува мегдани, ДУИ би било добро да и одговори на јавноста каква понуда содржат СМС пораките кои му ги испратиле на премиерот Мицковски во времето кога се преговараше за новата влада, каква понуда ставија на маса во соба 161 во Парламентот емисарите на ‘Европскиот фронт’ додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преговараа за новиот владин кабинет и дали е точно дека само две министерства и дека претседателот на парламентот не беше понудата на ДУИ за ВМРО само за да бидат повторно во Владата“, напиша Меџити на фејсбук.