Техеран го задржува правото да одговори на агресијата и заканите по безбедноста на Иран, изјави денеска иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во телефонски разговор со францускиот колега Емануел Макрон.
Пезешкијан посочи дека „регионот и светот нема да видат стабилност, безбедност и мир се додека ционистичкиот режим, со политичка, финансиска, вооружена и медиумска поддршка на САД и западните земји, врши геноцид, криминал и терор“. Тој наведува и дека Иран отсекогаш играл улога во воспоставувањето мир и безбедност во регионот, но дека Израел се обидува да „предизвика пожар“ на Блискиот Исток со своите „криминални и терористички акции“ против Палестинците. Иранскиот претседател го повика Западот да докаже дека е посветен на мирот во регионот со повлекување на поддршката за Израел и запирање на нападите врз Газа.