Тој им се заблагодари на граѓаните што дошле на митингот, како што рече, да направат чест на ова врнежливо време, како и за масовното присуство и за поддрката која, додаде дека му ја даваат уште од почетокот на кампањата.
Говорејќи за понудата на најголемата опозициона партија во текот на политичката кампања, Пендаровски рече дека наместо предлози за подобро денес и утре на граѓаните и на државата, тие ги рециклирале истите политички решенија кои, како што посочи, ја донеле државата во статус на изолирана и заробена, со власт која, додаде дека монтирала политички процеси и земја во која имаше политички затвореници и новинари во затвор.
„Да бидеме искрени, дали некој воопшто од нас кој го памети режимот, имаше причина да се надева на поинакво однесување од партијата која организираше насилен упад во парламентот, а, денес и по седум години, не само што не се извини на жртвите и на целиот народ поради тој срамен чин, туку најавува амнестија на насилниците кои беа спремни да убиваат само за нивните политички ментори да останат на власт. Дали во оваа кампања понудија нешто во однос на двата клучни предуслови за стабилна и просперитетна држава: евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи?“,рече тој.Според него, во обид да ги манипулираат граѓаните, нивниот став за интеграцијата во НАТО доживеала невидена трансформација.
„Лично од нивната кандидатка за претседател чувме дека интеграцијата во НАТО алијансата била важна за стабилноста на земјата, а истата личност пред 4 години бараше кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор. Партијата која ја поддржува, за овој политички лупинг не кажа ниту збор, мислејќи дека ги имаме заборавено жестоките критики и тешките лични навреди упатени кон сите нас, кои го поддржуваме тој договор. За да биде парадоксот уште поголем, високи претставници на таа опозициона партија поверуваа во сопствената пропаганда и две години по усвојувањето на преговарачката рамка сѐ уште не знаат што пишува во неа, односно дека целокупното европско законодавство ќе биде преведено и на македонски јазик, а македонскиот ќе биде еден од официјалните јазици во таа организација во моментот кога ќе станеме членка. Сакаат да заборавиме и дека во септември минатата година не се случи потпишувањето на договорот со Фронтекс, европската агенција за чување на границите на Шенген зоната кој го потпишавме и на македонски јазик “,вели тој.
Пред странските дипломати, вели Пендаровски дека изразуваат формална подготвеност за деблокада, како и дека висок претставник од нивната сестринска партија од Германија, по разговорите со нив рекол дека е убеден дека ќе гласаат за уставните промени, а, овие, како што рече, и понатаму секој ден повторуваат дека уставни промени нема да има под бугарски диктат.Стево Пендаровски на митингот во Скопје / Фото: Тим Пендаровски
Според него, ВМРО-ДПМНЕ бил и останал расадник на транзициони профитери, кои денес поддржуваат ветинг на политичарите.
„Само во последните 5 години затоа што мислат дека народот не памети како во времето на транзицијата некои од нив несразмерно го зголемија својот имот и станаа милионери. Нивниот кандидат за претседател ниту еднаш не се појави сам пред граѓаните да ги објасни своите ставови затоа што на митинзите наместо неа зборуваше претседателот на партијата, кој со тоа по повлекувањето на граѓанските потписи уште еднаш потврди дека предложиле лојален партиски послушник а не граѓански кандидат за највисоката функција“,рече тој.Пендаровски се осврна и на неодамнешната изјава на неговата притивкандидатка во трката за иден претседател, Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во која вели дека ќе направи нов граѓански Устав, а притоа, како што вели тој, не објасни дали во него ќе има место за Македонците.
„Најнова идеја промовирана во кампањата им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија до сега се нема произнесено зошто ни е тоа потребно и дали таквиот устав може да го наруши концептот воспоставен со Рамковниот договор“,рече тој.Тој додаде дека претседател на државата не може да биде некој што не прави разлика меѓу врховен командант на вооружените сили и началник на Генералштаб.
„Кандидат кој до пред некој ден ја немаше објавено својата изборна програма. Човек кој не сакаше да учествува на дебати со сите седум кандидати затоа што правеше селекција според лични критериуми, кој од нас е достоен да дебатира со неа. Најголема пародија е што за загрозени права и слободи на граѓаните и за хибриден режим коментира кандидатката чиј сопруг остави стотици семејства без работа и приходи по пропаѓањето на имотите и фирмите кои ги купи со заработени пари од кршењето на санкциите. Или обвинувањата без ниту еден приложен доказ дека јас сум бил соучесник во корупција и криминал, а тие со кршењето на санкциите на Обединетите Нации со сопругот станаа мултимилионери“,рече тој.