Фатон Хајризи кој е осомничен за убиството на полицаецот во Лозница, на 6 јули побегнал од затвор и тоа по деветти пат, но редовно контактирал со своите следбеници на социјалните мрежи.
Албанскиот државјанин Фатон Хајризи, кој е осомничен дека во средата вечерта при контрола на граничниот премин во Лозница, го убил српскиот полицаец Никола Крсмановиќ (34) и тешко го ранил неговиот колега Вјекослав И. (50), само неколку часа пред тоа се огласил на социјалната мрежа ТикТок.
За потсетување, делото се случило во средата час по полноќ при контрола на возило на граничниот премин во Липнички Шор во Лозница. Полициските службеници запреле возило „мерцедес“ управувано од таксистот Митхат Хаџиќ од Тутин, но лицето во патничкото возило отворило оган во нивен правец. Од здобиените повреди Никола починал, додека неговиот постар колега Вјекослав е тешко повреден, но е надвор од животна опасност.
Фатон Хајризи, на 6 јули побегнал од затвор и тоа по деветти пат, но редовно контактирал со своите следбеници на социјалните мрежи. Имено, судејќи по профилот кој гласи на неговото име, само неколку часа пред убиството, Фатон Хајризи објавил видео на кое се гледа како тој патува. Имено, на споменатото видео може да се види како седи на совозачкото седиште и го снима автопатот пред него, а не ги изостави ниту лавовските емотикони. Само ден претходно, албански државјанин објави неколку фотографии придружени со музика.
Осомничениот убиец на српскиот полицаец кого кобната вечер го изрешетал со неколку куршуми, објавил и слика на која како позира полугол, дополнета со емотикони на лав и со албанско знаме.
– Браво лаве! Само храбро Фатон и немој да се предадеш. Немој да им паднеш во раце – ова е еден од коментарите со поддршка под фотографијата, но има и такви кои го критикуваат со зборовите „одлежи го тоа што го имаш и продолжи со нормален живот“.
Според сознанијата од иострагата, Фатон Хајризи по бегството од затвор наводно му го украл пасошот на неговиот брат Артан Хајризи и поради оваа причина по убиството првично беше објавено дека Артан е убиецот на српскиот полицаец. Меѓутоа, со опсежна истрага е утврдено дека Фатон е тој што со таксист од Прешево се упатил кон Лозница. Планот на Фатон Хајризи бил да се сретне со уапсениот Зоран Радовановиќ, наркодилер кој во март 2019 година бил лишен од слобода како мозок на криминална група од која на граничниот премин Градина биле запленети 1,1 тони марихуана. Радовановиќ е уапсен вчера во Бјелина, а неговата сопруга Ивана е приведена истиот ден во Младеновац.