Наспроти предизборното ветување дека ќе се води од правото, но и од правдата како негов коректив, претседателката Сиљановска, иако има неприкосновено право на конечна одлука кого ќе помилува и за колкав период, го свали гневот на јавноста на Комисијата за помилување, пишува Вистиномер. Текстот го пренесуваме во целост:
Претседателката на С. Македонија Гордана Сиљановска Давкова во кампањата за седмите по ред претседателски избори (24 април, прв круг; и 8 мај, втор круг 2024 година, заедно со парламентарните избори), меѓу другите ветувања од програмската платформа „Македонија повторно горда“ во делот „Владеење на правото“ вети дека во помилувањето ќе се води од правото, но и од правдата како негов коректив.
Ветување: Помилувања – Давањето помилувања како надлежност на претседателот секогаш ќе биде во согласност со Законот, но со водење сметка за независноста на правосудството и за природата на оваа функција како квазисудска.
[Извор: Платформа „Македонија повторно горда“ – Принципи за делување; датум:18.04.2024]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, во рамките на нејзините надлежности да дава помилување во согласност со закон, на 21 октомври 2024 година донела одлука за помилување на 10 осудени лица.
Извршувањето на изречената казна им се заменува со условна осуда за време од 3 години, на осудените лица: Акиф Равмановски од с. Арачиново, во траење од 1 година и 3 месеци; Никола Трпчески од Охрид, во траење од 1 година и Шенол Маслани од Арачиново, во траење од 6 месеци. Акиф Равмановски е всушност член на наркокланот „Барон“, а Шенол Маслани е брат на познатиот Шенки, кој од глава до пети бил облечен во „версаче“. Шенол Маслани во 2019 година беше уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога. Со истата одлука за помилување, делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Мухарем Али од Скопје, во траење од 2 месеца; Тодор Попов од с. Миравци во траење од 3 месеци; Томислав Симеонов, од Скопје, во траење од 3 месеци; Перо Кузмановски од Градско, во траење од 3 месеци; Живко Делиџаков од с. Богородица, во траење од 3 месеци; Владимир Талески од Битола (поранешен градоначалник на Битола), во траење од 1 година; и Марјан Ефремов од Скопје, во траење од 3 месеци. Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески беше во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и требаше да одлежи уште една година. Марјан Ефремов е првоосомничениот во аферата „Шпион“, објави порталот „Фактор“ на 22.10.2024 година.
За разлика од првата одлука за помилување што претседателката Сиљановска ја донесе по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, со која беа опфатени 5 лица, помилувањето на актуелните десет лица крева голем прав во јавноста.
Во врвот на интересот е Акиф Бејадин Равмановски, лице кое е прво на списокот помилувани со одлука на претседателката од 21-ви октомври. Причината не е само поради фактот што станувало збор за припадник на скопскиот нарко клан Барон, туку што, според медиумски наводи, тој наводно бил еден од групата која само една седмица претходно, на 14-ти октомври, учествувала во пукање во скопската населба Чаир. Тогаш од огнено оружје повреден беше 35-годишниот скопјанец Е.А., пишува „Дојче веле“ на македонски јазик.
Според наводите на СВР Скопје, лице што издржува казна затвор можело да учествува во таков инцидент бидејќи во времето на извршувањето на кривичното дело, користел излез од затворот Идризово, по основ на работен ангажман. На 24.10.2024 полицијата повторно го уапси помилуваниот Равмановски против кого е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
По реакциите во јавноста Сиљановска се „затскри“ зад Комисијата за помилување, потенцирајќи дека таа ја почитувала нивната одлука. На 23 октомври во изјава за ТВ 21 претседателката рече „дека сега гледа оти личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот“, но Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела и дека, иако таа потпишува одлуки и го има последниот збор, нема да се меша директно во нејзината работа.
Три дена подоцна – на 26.10.2024 г., заради сите контроверзии Комисијата за помилување си поднесе колективна оставка, за која на социјалните мрежи информираше еден од нејзините членови, проф. др Гордан Калајџиев, наведувајќи дека тој и проф. др Методија Каневчев, проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири оставката ја поднесуваат од лични и професионални принципи.
https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fgordan.kalajdjiev%2Fposts%2Fpfbid031di248zARzd9tDVhA2tutJLvdzhdwutCDJj8NaKK91TMCNJDXeevbc5cqFgMeHytl&show_text=true&width=500
Оставката беше веднаш прифатена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, која најави дека при формирањето на нова Комисија ќе изврши консултации за нејзиниот нов состав, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица.
Интересно е што на сајтот на претседателката Сиљановска нема соопштение за помилувањето на десетте лица од 21 октомври, за разлика од соопштението за помилувањето на петте лица по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката. Недоследноста на претседателката Сиљановска продолжува и во соопштението за прифаќањето на колективната оставка на членовите на Комисијата за помилување, во кое се наведуваат само нивните лични и професионални принципи како мотив за оставка, а при тоа таа не им се заблагодари на работата на досегашните членови на Комисијата, иако со дел од нив беа колеги на Правниот факултет.
Гостувајќи во подкастот „На кавга со Иван” еден ден пред колективната оставка на Комисијата, професорот Калајџиев посочи дека огромниот притисок на јавноста и реакциите на политичките партии ги таргетирале членовите како главни виновници за скандалот, иако Комисијата е само посредник во процесот на одлучување кој започнува со предлозите на Министерството за правда, а претседателката Сиљановска има неприкосновено право да одлучи кого ќе помилува и за колкав период.
Во оваа ситуација кон Комисијата за помилување се насочи гневот, а беше сочуван дигнитетот на Сиљановска, иако таа е последната инстанца за „личностите кои се интересни во негативен смисол“, рече Калајџиев.
Неговиот став е фактички реплика на личниот коментар на Сиљановска дека помилуваните „личности се интересни во негативна смисла на зборот, но тие (од комисијата) се воделе од конкретните дела“, посочувајќи дека потпишува одлуки, но почитува и знаење и никогаш нема да се меша во работата на комисијата, бидејќи „знаев дека таа е составена од врвни познавачи од оваа област и реков дека ќе ја почитувам нивната работа“.
Калајџиев објасни дека членовите на Комисијата за помилување даваат само предлози, но дека конечниот збор го има претседателката Сиљановска – таа може да се согласи или да ги одбие нивните предлози, да ја намали или да ја зголеми временската отсечка за помилување. Затоа во коментарот на Сиљановска од претходниот пасус за нејзиното немешање во работата на Комисијата може да се препознае и спинување во врска со нејзината одговорност за конечните одлуки на Комисијата.
Не даде Комисијата отказ. Комисијата од лични и професионални причини поднесе оставка и тоа е нешто друго. Ние сме во разговори за нов состав на Комисијата. Јас никогаш не ги правам брзо работите, признавам. Разговараме, треба сите профили да бидат внатре вклучени за да може навистина на крајот од тој процес на помилување кој почнува во судот, а завршува со потписот, ама претходно одмерувањето од Комисијата, да биде успешно. Разговараме со експерти, со луѓе од невладин сектор, бидејќи секогаш во комисиите има луѓе од здравството, психолог, невропсихијатар, имаше новинар, значи со сите тие категории разговаравме, рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање, пренесе МКД.мк.
Во врска, пак, со составувањето на новата Комисија за помилување и потребата да се исправат институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица, Сиљановска за 29.10.2024 поканила членови на сите досегашни Комисии за помилување да дебатираат за подобрување на процесот на помилување во пракса.
Како ја закажа, така се премисли и ја откажа, по електронска пошта, без образложение. Дебатата требаше да помогне во решавање на проблемите по бурните реакции во јавноста за 10 лица помилувани меѓу кои и водачот на кланот Барон, Акиф Равмановски, кој во меѓувреме е повторно вратен во затвор, пишува порталот „Скопје 1“.
Новиот состав на Комисија за помилување, според зборовите на Сиљановска, е во фаза на разговори, но не брза со нејзиното формирање. Претседателката на 30.10.2024 г. посочи дека таа и членовите на Комисијата се воделе од филозофијата за заштита на човековите права.
Верував и сè уште верувам дека луѓето и кога се во затвор се луѓе. Можеби се расчовечиле во одредени моменти, но не треба да заборавиме дека тие се граѓани, гласаат и затоа и постои правото на помилување. Секој треба да добие шанса за социјализација и за ресоцијализација, вели Сиљановска-Давкова.
Според горенаведените факти, ветувањето на Сиљановска дека „помилувања како надлежност на претседателот секогаш ќе биде во согласност со Законот, но со водење сметка за независноста на правосудството и за природата на оваа функција како квазисудска“, го оценуваме како недоследно.
Извори:
- (18.04.2024) Платформа „Македонија повторно горда“ – Принципи за делување – [проверено на 31.10.2024]
- (22.10.2024) Фактор ПОМИЛУВАНИ СЕ 10 ЛИЦА: Сиљановска-Давкова помилува член на кланот „Барон“, поранешен градоначалник, вмешан во „Шпион“… – [проверено на 31.10.2024]
- (1.08.2024) Дојче веле По повод Илинден: Давкова помилува петмина осуденици – [проверено на 31.10.2024]
- (23.10.2024) Дојче веле Помилувањето крена прав, но и прошетката на Красниќи – [проверено на 31.10.2024]
- (24.10.2024) Сител Полицијата повторно го уапси Акиф Равманоски кој беше помилуван од претседателката Сиљановска Давкова – [проверено на 31.10.2024]
- (23.10.2024) Радио Слободна Европа Сиљановска Давкова помилува десет осуденици – [проверено на 31.10.2024]
- (26.10.2024) Фејсбук објава на Гордан Калајџиев – [проверено на 31.10.2024]
- (26.10.2024) Претседател.мк Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување – [проверено на 31.10.2024]
- (1.08.2024) Претседател.мк Помилувања по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката – [проверено на 31.10.2024]
- (26.10.2024) Независен Комисијата за помилување поднесе колективна оставка, притисокот беше преголем – [проверено на 31.10.2024]
- (25.10.2024) Подкаст На кавга со Иван – Гордан Калајџиев – [проверено на 31.10.2024]
- (23.10.2024) Фактор Силјановска Давкова: Помилувањата ги потпишав зошто и верував на комисијата, не гледавме кои се личностите, туку нивните дела – [проверено на 31.10.2024]
- (30.10.2024) МКД Сиљановска Давкова: При помилувањето на затворениците се водевме од заштита на човековите права – [проверено на 31.10.2024]
- (29.10.2024) Скопје 1 Пишман претседателка-закажа па откажа дебата за помилувањата – [проверено на 31.10.2024]
- (30.10.2024) 360 степени Во разговори сме за нов состав на Комисијата за помилување, но не брзаме со формирањето – вели Сиљановска-Давкова – [проверено на 31.10.2024]
Оцени: Стојан Синадинов