Загина пожарникар во Австрија, човек во Полска се удави во поплава предизвикана од бурата наречена Борис и стотици домови се поплавени во Романија и Чешка Поплави ја зафатија централна и источна Европа. Загина пожарникар во Австрија, а човек во Полска се удави во поплава предизвикана од бурата наречена Борис, пренесува Би-би-си. Австриската покраина во која се наоѓа Виена е прогласена за област на катастрофа.
Претставници од покраината велат дека станува збор за „невидена екстремна ситуација“. Полскиот премиер Доналд Туск го потврди претходно споменатиот смртен случај во неделата и ги повика погодените жители да соработуваат со спасувачите. Во Романија, каде четири лица загинаа во саботата, премиерот вели дека уште двајца се водат за исчезнати.
Околу 700 домови во државата се поплавени. „Повторно се соочуваме со последиците од климатските промени, кои се сè поприсутни на европскиот континент“, изјави во саботата романскиот претседател Клаус Јоханис. Неколкумина во Чешка исто така се водат како исчезнати. Има евакуации во државата, а повеќе од 50.000 домаќинства останаа без струја.