Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ повика на протест денеска во 17 часот на улицата Васко Карангелески во Општина Аеродром.На протестот ќе се искаже незадоволство од планот улицата да се претвори во булевар.„Повеќе од една година заедно со локалното население се бориме да спречиме претворање на ул. Васко Карангелески во булевар. Наместо Град Скопје да работи на смирување на сообраќајот кој буквално носи животи, тие мирна улица веднаш пред основно училиште прошируваат во булевар! Ги повикуваме сите наши сограѓани, но пред сѐ сите локални жители, сите родители чиишто деца учат во основното училиште „Љубен Лапе“, да излезат и да ги заштитат своите и животите на своите деца. Булевар до основно училиште е енормен ризик по безбедноста не само на децата кои учат таму, туку и на нивните најблиски кои ги носат и ги земаат од училиште“, стои во повикот.„Зелен хуман град“ потсетува дека создавање уште еден булевар на 800 метри од булеварот Србија е непотребно, а ќе го уништи мирот и безбедноста, пред се на повозрасното население. Дополнително, населбата ќе добие уште еден „топлински остров“.„Да не дозволиме нашите најблиски да бидат подвижни мети! Да не дозволиме да се дуплира количината на асфалт и бетон за да се создаде уште еден топлински остров! Локалните самоуправи постојат за да работат во најдобар интерес на граѓаните!“, се вели во повикот на „Зелен хуман град“.