Буџетот за 2023 година влезе во Собранието. Дел од министерствата ќе си дозволат зголемени трошења, но кај дел ќе има кратење – државни инспекторати и агенции догодина ќе располагаат со помалку пари во однос на годинава. „Порталб“ анализира колку пари министерствата, агенциите и други државни институции ќе имаат за трошење во новата буџетска година.

За судство повеќе пари, за дел од инспекторатите помалку

   

Значајно е зголемен буџетот на Владата, и таа в година ќе може да потроши 301 милион евра. Во оваа сума се вклучени и мерките за помош и поддршка поради здравствената и економската криза, за што се планирани 236 милиони евра.Во 2023 година за прв пат планирани се средства за ново независно тело – Фискален совет. Ќе има на располагање околу 89.000 евра, со шест вработени, а главната задача ќе му биде да прави економски анализи и оценки за состојбите. Повеќе пари за трошење во однос на годинава ќе има и Уставниот суд, за кој од Буџетот се планирани скоро 1 милион евра, Центарот за управување со кризи ќе може да потроши 3,6 милион евра, Управата за извршување санкции ќе има на располагање 20,5 милион евра, Агенцијата за странски инвестиции ќе има поголем буџет, во износ од 806.000 евра, а пак Агенцијата за промоција на туризмот со буџет од скоро 1,4 милиони евра. Повеќе пари за трошење во однос на годинава ќе има и Дирекцијата за слободни економски зони – со буџет од 41,1 милион евра.

 

Од министерствата, поголем буџет в година ќе има Министерството за политички систем, со планиран расход од 4,3 милион евра, Министерството за одбрана ќе има на располагање 276 милион евра, буџетот на Министерството за внатрешни работи е зголемен на 205,6 милиони евра, на Министерството за надворешни работи расходите се зголемуваат на 29,2 милион евра, на Министерството за финансии на 23,5 милион евра, а на Министерство за финансии – функции на држава, расходите се зголемени на ниво од 20,5 милион евра. Повеќе пари за трошење ќе има и Министерството за животна средина во износ од 30,5 милион евра, како и Министерството за транспорт и врски, чиј буџет значајно се зголемува на 323,1 милион евра. Повисоки трошења на ниво од 506 милион евра ќе има Министерството за образование, а поголем буџет ќе има и Министерството за култура.

   

     

Намалување на трошењата има кај Министерството за економија, кое со новиот буџет ќе има на располагање 18,8 милиони евра, кај Министерството за земјоделство, трошењата се намалуваат на близу 33 милиони евра. Се намалуваат и средствата за Агенцијата за развој на земјоделството на ниво од 1,2 милион евра. Помал буџет од 142,7 милиони евра ќе има и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, која е клучниот канал за субвенции во аграрот. Намалување има и кај Министерството за труд и социјална политика, ресор кој има еден од најголемите буџети, догодина ќе може да потроши 864,8 милиони евра. Се намалуваат и расходите во Министерството за информатичко општество, кои догодина ќе изнесуваат 26,2 милион евра. Намалување има и во Министерството за здравство за кое е проектиран расход од 111 милион евра.

Речиси исти или незначително помали буџетски трошења в година, во однос на годинава, има кај Министерството за правда кое ќе располага со 9,1 милион евра, расходите на Инспекторат за употреба на јазиците ќе изнесуваат 260.100 евра, на Управата за финансиска полиција 1,2 милион евра, минимално помалку во однос на годинава. Со Буџетот за 2023 година се намалуваат средствата за Инспекцискиот совет, Агенција за примена на јазикот, Дирекција за заштита и спасување, Агенцијата за национална безбедност, Агенција за стокови резерви, Инспекторатот за животна средина ќе има помал буџет во однос на годинава, исто како и Инспекторатот за транспорт, Инспекторатот за градежништво, Државниот просветен инспекторат, Агенцијата за млади и други. Кај судската власт има зголемување на буџетите, како и за Јавното обвинителство и за Народниот правобранител.