Потпретседателката на украинската Влада на Украина, Ирина Верешчук денеска поднесе оставка.„По речиси три години во владата, денеска поднесов оставка“, напиша Верешчук на Телеграм. Таа му се заблагодари на претседателот на Украина Володимир Зеленски за укажаната доверба, на премиерот и членовите на Владата за соработката, на пратениците за поддршката. Таа ја извршуваше и функцијата министерка за реинтеграција.
Врховната Рада денеска прими барања за оставка на министерот за стратешка индустрија Олесандар Камишин, министерот за правда Денис Маљусик, министерот за заштита на животната средина и природните ресурси Руслан Штрилац и првиот човек на Фондот за државна сопственост Виталиј Ковал. Денеска оставка поднесе и вицепремиерката на Украина за европски и евроатлански интеграции Олга Стефанишина. Зеленски денеска го разреши и Ростислав Шурма од функцијата заменик-шеф на неговиот Кабинет. Шефот на парламентарната фракција „Слуга на народот“, Давид Арахамија за утре најави „ден на оставки“. Според него, повеќе од 50 отсто од кабинетот „ќе доживеат промени“.