Оставката на Ристов е втора за два дена, откако претходно и неговиот сопартиец од Советот во Општина Аеродром, Дарко Масларковски, се реши на истиот чекор.
Според Ристов, на поднесување оставка се решил затоа што, како што пишува, политичките цели на партијата се најверојатно неостварливи.
„Давам оставка од сите внатрепартиски функции. Функционирањето на партијата преку бркање пиар пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата, на која посветив осум години, се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште осум за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските“, – се вели во изјавата на Ристов која ја пренесува Масларковски.
Ристов за ова нема никаков коментар на социјалните мрежи. Неофицијални информации велат дека и други партиски функционери заминуваат од позициите но Левица нема коментар на оваа тема. Лидерот Апасиев кој е еден од најактивните политичари на социјалните мрежи воопшто не пишува на оваа тема. Тој е фокусиран на процесот на собирање на потписи за Ванковска.